Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Овации во Венеција за филмот „Татами“ режиран од Иранка и Израелец

Филм на двајца режисери од Иран и Израел, Зар Амир Ебрахими и Гај Натив, е прикажан на Филмскиот фестивал во Венеција. Се работи за соработката на филмаџии од „заколнати“ непријателски земји.

Првата заедничка продукција е реализирана во тајност за да се спречи можно мешање од Техеран, изјавија режисерите за Ројтерс.

– Во Израел многу се пишуваше за филмот, бидејќи луѓето гледаат нешто револуционерно во нашата соработка, вели режисерот Гај Натив, кој се надева дека соработката ќе продолжи и во други области.

Филмот „Татами“ беше премиерно прикажан и проследен со овации на филмскиот фестивал во Венеција. Во фокусот на овој трилер е светското првенство во џудо за жени. Дејството на филмот се одвива во текот на еден натпреварувачки ден. Лејла има големи шанси да го освои златниот медал, но и е наредено да лажира повреда за да избегне потенцијален меч со израелската натпреварувачка.

Ебрахими и Натив го снимиле филмот во Грузија, земја која Иранците лесно можат да ја посетат. Тие престојувале во посебни хотели, зборувале англиски и не дозволувале да се знае дека снимаат филм со политичка тема. „Татами“ ќе се појави во кината во 2024 година и веќе е продаден во неколку европски земји.

– На училиште научив дека Израел не постои… Значи, не смееме да работиме заедно, да се дружиме или да се натпреваруваме против „замислен“ противник, изјави Зар Амир Ебрахими, режисерката на филмот која воедно ја глуми и улогата на тренерот.

Ебрахими е родена во Техеран, но живее во Франција и затоа има слобода да снима филм кој има „и политичка димензија“.

Ебрахими беше наградена за најдобра глумица во Кан 2022 година за трилерот на Али Абаси којшто следи сериски убиец на проститутки во Иран. Таа истакнува дека филмските автори во нејзината земја не смеат да ја кажат целата вистина.

– Може да се начнат некои теми, но откривајќи само половина од вистината, вели таа за состојбата во Иран, каде што се затворени познати режисери како Џафар Панахи и Мохамед Расулоф, обвинети за ширење пропаганда.

Во Иран се одржуваат протести од септември 2022 година против смртта на Махса Амини, 22-годишна Курдка која почина во притвор затоа што неправилно носела хиџаб.

– Верувам дека жените ја менуваат состојбата и нема враќање назад. Трогната сум од нивната храброст, особено младата генерација и ново е што мажите ги поддржуваат во тоа, изјави Ебрахими.

Зачлени се на нашиот е-билтен