Младиот уметник Озбек Ајваз, со иновативен и креативен пристап, металниот отпад го трансформира во уникатни уметнички дела. Дипломира на Универзитет Св. Кирил и Методиј – Факултет за ликовни уметности во Скопје, на одсек вајарство, под менторство на Жарко Башески и Беди Ибрахим. Во 2021 година ја добива наградата за надежен млад уметник во Истанбул, Турција. Неговото најпознато дело е „Тешкото“. Метална уметност како стил ја започнува поради немање на пари. Инспирација за неговите дела главно добива од градот, социологијата на народот и секојдневните настани во градот.
Со Озбек Ајваз разговараше Хусамедин Гина
Рециклирање на метални работи покрај тоа што го намалува влијанието на отпадните материјали врз животната средина, исто така преставува и можност за истражување на нови креативни граници во областа на уметноста, како што тоа го прави младиот 24 годишен скулптор од Скопје, Озбек Ајваз.
Наставникот по ликовно, младиот ентузијаст Озбек Ајваз во интервјуто за порталот racin.mk реализирано во неговото ателје во Чаир, истакна дека неговиот интерес кон уметноста, цртањето започнува уште во второ одделение, на 7, 8 годишна возраст. Се запишува на средното уметничко училиште. Дипломира на Универзитет Св. Кирил и Методиј – Факултет за ликовни уметности во Скопје. Формирањето на неговиот стил започнува на факултет, кога веќе самостојно започнува да работи со метал и сам да ги твори скулптурите.
До сега има изработено преку, 40- 50 дела. Најголем впечаток остава неговиот магистерски труд, делото изработено од железо, „Тешкото“ оро, составено од скулптури на осуммина играорци во природна големина.
Одговарајќи на прашањето зошто метална уметност како стил, Озбек Ајваз, вели:
„Од факултетски денови, од немање пари, од немање финансии почнав бидејќи отпадот, металниот отпад го наоѓав секаде околу мене и друга свежина му давав правејќи скулптури од метал. И се пронајдов самиот себеси во овој стил и продолжив да го работам и од ден на ден се усовршувам“
Според него во светот од милијарди луѓе има премногу отпад. Користејќи дел од отпадот за правење на уметнички дела, Озбек истакна дека допринесува кон почиста животна средина.
Најголемата инспирација на младиот уметник Ајваз е секојдневниот живот во градот.
„Воглавном ме инспирираат градот, социологијата, народот, нивните, нашите секојдневни дешавки. Има работи кој секојдневно ги гледаме ама не ги приметуваме се дур не се дојдам до решение дека овој момент треба да се зачува како симбол со скулптура. Дури и самите негативни работи преку уметноста гледам да дојдеме да степен да ги приметиме дека абе и оваа е негативна работа може да се најде во уметноста“.
Младиот уметник Озбек Ајваз, пред месец дена, преку уметноста која ја учел, во градскиот парк кај фонтаната „Лотосов цвет”, визуелно ја претстави бактеријата ешерихија коли во големина од 1,5 метри за да биде видлива за очи.
Со тоа Ајваз, како што нагласи сака да испрати порака до релевантните институции за немањето на доволен број на јавни тоалети ширум градот.
„Ние немаме јавни тоалети, затоа убивајќи го срамот во нас, физиолошки потреби ги вршиме покрај грмушки и ќошиња“, нагласи Ајваз.
Во однос на тоа дали некој од надлежните институции контактирал со него, Ајваз додаде: „Се уште не, никој не контактираше со мене, ама претпоставувам дека ме следат“
Ајваз металот кој го користи за изработка на скулптури го обезбедува од лицата „старо купујем“, кои доаѓаат во неговото ателје да му понудат од она што го собрале, донации од комшии и пријатели, а еден дел како што се профили цевки, лимови мора да ги купува.
Во јавноста младиот уметник е познат по неговите утрински герила акции во градот. Може ли за Вас да кажеме дека сте еден вид уметник -бунтовник, го прашавме Ајваз.
„Па секој млад, секој во неговата младост е бунтовен. Дали за промена на некои работи или било што, така да мојата младост, бидејќи јас се сметам млад, бидејќи имам 24 години, допрва ќе направам 25 за некој месец, така да се осеќам се уште бунтовен дека можеби можам да сменам нешто во градот, или во државата па и во светот, зошто да не“
Љубовта на младиот уметник кон железото започнува веќе после изработката на 10-тата скулптура. Таа интимност меѓу железото и Ајваз продолжува и до ден денес и се одразува на ликовните творби.
„Како секое тело што има железо во својата крв, јас мислам дека имам повеќе железо од сите останати работејќи го ова, така да има љубов помеѓу мене и железото. Па самиот момент да знаеш како да го смислиш, да го пренамениш металот во друга форма е некој вид на љубов. Има некоја интимност меѓу нас. Интеракција која си доаѓа, се твори и се изразува на ликовниот елемент, на ликовната творба да речам“
Озбек Ајваз за неговите идни планови во уметничката кариера не можеше ништо да каже. „Однапред не можам да зборам, така да оставам на текот на времето“, додаде Ајваз.
Младиот уметник до сега сите дела ги работи самостојно. Но, учествува на групни изложби со колеги уметници од Балканот и пошироко.
Озбек минатата година во Центарот за современи уметности во Паркот на Франкофонијата во Скопје ја отвори првата самостојна изложба наречена „Мрак“ на која беа изложени скулптури изработени од рециклирано железо.
Истакнувајќи дека ќе му биде драго со некој друг уметник да работи заеднички во некој проект Ајваз подвлече: „Сепак ние сме малку егоисти и не би сакале да се мешаме, секој си ја гледа својата работа. И си го прави делото најубаво како што си го знае он“