Азиските берзи нагло паднаа на 4 март, откако стравувањата од поширока војна на Блискиот Исток го зголемија ризикот од нафтен шок, нов инфлациски притисок и одложување на очекуваното намалување на каматните стапки. Во услови на силна нестабилност, било активирано и привремено запирање на тргувањето („circuit breaker“) за да се спречи неконтролиран пад.
Дополнителна паника на пазарите предизвикала веста за затворање на Ормутскиот Теснец од страна на Иран, бидејќи тоа директно ги зголемува стравувањата за прекин на снабдувањето со нафта. Најсилно првиот удар го почувствувала Јужна Кореја, економија која е силно зависна од увоз на енергија.
Најголемите загуби биле во Сеул, каде пазарот затворил со пад од 12 проценти, што е опишано како најголем пад во историјата. За само два дена, референтниот индекс на Јужна Кореја изгубил повеќе од 18 проценти од вредноста, додека корејскиот вон паднал на најниско ниво во последните 17 години и го пробил нивото од 1.500 вони за долар.
Падот не се задржал само во Јужна Кореја. Јапонскиот Nikkei се лизнал за 3,9 проценти, а акциите во Тајван за 4,3 проценти, при што инвеститорите масовно продавале и акции на производители на полупроводници за да покријат загуби и да го намалат ризикот.
Тонoт на пазарот дополнително го опишува и оценката дека распродажбата станува хаотична и дека се шири логиката „продај сè што можеш“, што покажува дека реакцијата веќе не се третира како краткорочен шок, туку како поширока криза на доверба кај инвеститорите.
Под силен притисок се нашле и клучни компании од корејската економија, вклучително и Samsung Electronics и SK Hynix, кои претходно беа меѓу носителите на растот поврзан со вештачката интелигенција. Во ваква средина, движењето на енергенсите и геополитичката неизвесност остануваат главниот фактор што го диктира темпото на пазарите.