Падна скопската „покер-мафија“: осуммина под истрага за лихварство и перење пари

педофил
Апсење (Илустрација)

Скопската „покер-мафија“ падна по неколкумесечна заедничка акција на МВР и Обвинителството за гонење организиран криминал: осум лица од Скопје се под истрага за нелегално приредување игри на среќа, лихварство и перење пари, а полицијата упадна на 11 локации, каде што затекна импровизирани покер-клубови, илјадници евра и заплена на дрога.

Според информациите од Обвинителството и МВР, акцијата е реализирана вчеравечер и во текот на ноќта, под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, како финале на неколкумесечна предистражна постапка. Полициските служби од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и Единицата за финансиски истраги истовремено влегле на повеќе адреси во Скопје и околината, каде биле организирани тајни покер-собирања.

На терен биле пронајдени и запленети околу 34.510 евра, 431.000 денари и 400 американски долари, голем број мобилни телефони, компјутери, лаптопи и неколку моторни возила за кои постојат индиции дека се набавени во периодот на криминалното дејствување. Во нелегалните простории биле откриени професионални маси за покер, чипови, карти и друга опрема, а дел од локациите биле уредени како импровизирани играчници. На една од нив биле затекнати и 14 лица кои во моментот активно играле игри на среќа.

Обвинителството отвори две одделни истражни постапки со кои се опфатени вкупно осум осомничени. Во првата постапка се шест лица обвинети дека, заедно со други засега непознати лица, формирале организирана група што од февруари годинава до вчера континуирано и координирано организирала недозволени игри на среќа без лиценца. Играчите биле регрутирани и повикувани на три локации во Скопје, со однапред договорени термини, влогови и правила за игри како „омаха“, „покер“, „круг“ и „бриџ“. Групата имала сопствена „каса“ за уплата и исплата на добивките, ангажирала лица кои ги подготвувале масите и посебни „дилери“ што за надомест ги делеле картите. Според обвинителството, на тој начин е остварена значителна имотна корист и сторени се кривични дела „злосторничко здружување“ и „приредување игри на среќа без лиценца или дозвола“.

Втората истражна постапка го опфаќа еден од осомничените од првиот предмет и уште две лица. Тројцата се сомничат дека прибавиле противправна имотна корист од 7.583.784 денари преку лихварство, а потоа тие средства систематски ги пуштале во легален оптек. Парите биле внесувани во готово на сопствени сметки, користени за купување недвижен имот, плаќање кредити и финансирање луксузен животен стил, со што е сторено и кривичното дело „перење пари и други приноси од казниво дело“.

Запленетата документација треба да го покаже целосниот опфат на мрежата – од организаторите, преку посредниците, до доверливиот круг играчи и должници. Јавниот обвинител веќе најави предлог за ефективен притвор за седум од осомничените и мерка куќен притвор за една осомничена, со образложение дека постои ризик од бегство, влијание врз сведоци и повторување на делото.

Зачлени се на нашиот е-билтен