Палестинското Министерство за надворешни работи денеска објави дека израелската армија извршила напад врз градот Рафа, во јужниот дел на Појасот Газа, „без никакво соопштение и без да чека ничија дозвола“, пренесува Анадолија.
Во воздушните напади извршени синоќа од израелски воени авиони во различни делови на градот Рафа, животот го загубија 14 Палестинци, меѓу кои и деца и жени, а неколку лица се повредени.
„Палестинското Министерство за надворешни работи најостро ги осудува крвавите воздушни напади и систематските деструктивни операции на Израел врз градот Рафа, игнорирајќи ги меѓународните предупредувања за неокупирање на градот каде живеат милиони раселени луѓе од северот и центарот на Појасот Газа“, се истакнува во соопштението.
Нагласено е дека Израел синоќа изврши разорен воздушен напад врз Рафа и дека многу Палестинци ги загубија животите. „Израел изврши напад на градот Рафа и не го најави тоа за да избегне меѓународни реакции и не чекаше ничија дозвола“, се вели во соопштението.
Беше истакнато дека овие напади се совпаѓаат со посетата на американскиот државен секретар Ентони Блинкен на Саудиска Арабија и Египет.
Во соопштението од Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на 15 март, беше објавено дека Нетанјаху го одобрил планот за можна воена операција јужно од градот Рафа.