Мандатот на Панче Тошковски откако ја презеде позицијата на 29 јануари, прво како дел од техничката влада, а потоа и по преземањето на власта од страна на ВМРО-ДПМНЕ и како редовен министер, досега е обележан со низа скандали, но и со загрозување на јавната безбедност.
Зоран БОЈАРОВСКИ
На денешниот настан во организација на Министерството за внатрешни работи, на кој беа презентирани видео резимеа како отчет за работата во претходните 6 месеци, се обрати и министерот Панче Тошковски.
Во своето обраќање тој се осврна на некои од активностите во изминатиот период, од кои поголем дел се оние од редовната работа на полицијата.
Мандатот на Панче Тошковски откако ја презеде позицијата на 29 јануари, прво како дел од техничката влада, а потоа и по преземањето на власта од страна на ВМРО-ДПМНЕ и како редовен министер, досега е обележан со низа скандали, но и со загрозување на јавната безбедност.
На планот на јавната безбедност, медиумите, па и МВР, известуваа за убиства, обиди за убиства и престрелки низ државата, а дел од овие случаи остануваат неразрешени.
Македонските граѓани беа вознемирени од убиството на лекарот Ацо Трповски, кој беше убиен покрај неговиот автомобил и за кој првично МВР уапси осомничени лица, но ги ослободи.
Во престрелка на Пластичарската улица потоа беше убиен и пејачот Амар Исмани. Убиен беше и бизнисменот Чедо Радомировиќ. Двата случаја останаа нерасветлени.
Веднаш беа уапсени сторителите на убиството што се случи кај Мавровка во август, кога единиците за брза интервенција ги уапсија убијците, а разрешница и кривична пријава има и за убиството во гостиварско Дебреше, кога беше убиен 35 годишен маж.
Потсетуваме дека само во првите четири месеци од мандатот на Тошковски имаше 25 оружени инциденти.
На 27 октомври имаше пукање од автоматско оружје во Чаир, на 24 октомври имаше пукање на скопската обиколница.
Две недели пред тоа, на 14 октомври имаше исто така пукање во Чаир, каде што директно учествуваше помилуван нарко бос. На петти октомври повторно имаше пукање во Чаир кога повредено беше 19 годишно момче. Тоа се пет инциденти со пукање за нецел месец.
Освен во Чаир се пукаше и во Арачиново, Батинци, Сингелиќ, на Пластичарска улица, во Тетово…
Откако Тошковски седна во МВР опожарени беа и над 35 возила низ државата, најмногу во Скопје.
Последните опожарени возила се случија во текот на овој месец, декември. На 14 декември во пожар изгоре патничко возило „цитроен ц1“ со скопски регистарсмки ознаки, сопственост на В.С. од Скопје, а претходно, на 10 истиот месец во СВР Скопје било пријавено дека во круг на фирма на ул.„Качанички пат“ во Скопје, чиј што управител е А.И.(47) од с.Брест, скопско, биле опожарени четири товарни возила, сопственост на фирмата.
Од извештаите во медиумите можеше да се забележи дека дел од опожарените возила низ државата дел се на сегашни и поранешни функционери, луѓе од полицијата и судството.
Беше опожарено возилото на јавната обвинителка од Прилеп, Марјана Илиеска откако на приватен паркинг сторителите влегле во гаражата, го полеале возилото со запаливо средство и го запалиле.
Запален беше и автомобилот на судијата и член на Судскиот совет Мирсад Сурјои од Куманово.
Откако на крајот на август изгореа две возила на паркинг кај „Три бисери“ во Аеродром, граѓаните пред камерите на телевизиите реагираа дека не се чувствуваат безбедно и дека е лоша глетка.
За Тошковски за пропустите се виновни „кртовите“ во МВР
За пропустите на МВР, а согласно хиерархијата одговорноста е и на министерот Тошковски, но тој за пет месеци за неколку големи пропусти казни девет полициски службеници. Двајца за случајот „бегство“ на Артан Груби, шестмина за пропуштање на „свадбарската делегација“ на Спикерот Африм Гаши и еден од обезбедување на собранискиот претседател поради инцидентот со косовската претседателка Вјоса Османи на скопскиот Аеродром.
Во неодамнешниот случај на „бегство“ на Артан Груби, двајца полициски службеници се последните жртви на пропусти за кои вината може да се бара во други владини инстанци, кои во желбата за „на врат, на нос“ да спроведат правда, ги казнуваат непосредните работници.
Втор на листата казнени полициски службеници е лицето Б.А. инаку раководителот на смена на истиот граничен премин, за истиот случај, бегство на Артан Груби. Тој е со полесна казна. За него е поведена дисциплинска постапка затоа што ги оставил без батерии своите колеги подолго време и нивните камери биле неупотребливи.
Претходно, против шест полициски службеници е поведена дисциплинска постапка за случајот кога делегацијата предводена од претседателот на Собранието Африм Гаши помина исто така на граничниот премин Блаце.
„Одделот за внатрешна контрола, на МВР го расчисти случајот од 17 август 2024 со тоа што по извршен увид во службените материјали, анализа на видео надзорот и извршени разговори со полициски службеници, изготвени предлози за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност против полициските службеници Н.Р., М.С., А.Б., Б.А, Н.Б., Б.С. и СС“, се наведува во соопштението од МВР.
Повторно, никој друг не е виновен освен полициските службеници кои ете не смогнале храброст да ја запрат колоната и Претседателот на Собранието кој со слуѓбено возило и полициско обезбедување, излегол од државата заедно со уште шест цивини возила за на свадба во Косово.
Инаку инцидентот на скопскиот аеродром, Тошковски прво го осуди, а потоа се повлече и ги обвини полицајците.
До тоа веројатно дојде по реакцијата на некои од лидерите на коалицијата Влен, кои му порачаа „дека главниот фокус на МВР треба да биде на борбата против секојдневниот криминал од кој ги загрозува животите на граѓаните
„Јас го разбирам и министерот за внатрешни работи кој веројатно сака да даде порака дека никој не е над законот, но ние во Скопје секојдневно имаме убиства и мислам дека главниот фокус на МВР треба да биде на борбата против секојдневниот криминал од кој ги загрозува животите на граѓаните“, му порача министерот за евроинтеграции Орхан Муртезани во емисијата „Дејли клик“ на ТВ 21 на својот колега министер за внатрешни работи Панче Тошковски.
Зборувајќи за скандалот на Гаши, Муртезани упати неколку барања до Тошковски да не се занимава со случајот на Блаце, туку со убиствата што секојдневно се случуваат во главниот град.
Тошковски се кити со туѓи перја
Китењето со туѓи перја на оваа влада основна одлика. Така беше и со акцијата против „Беланоца“. Акцијата е започната уште во 2023 како што кажа и самиот Тошковски, и тој факт кој не можеше да го скрие.
Сепак, тоа не му пречеше да си ги припише заслугите, иако тоа не е никаква акција која тој самиот или оваа Влада ја направиле туку е акција која е наследена и целосно разработена од претходното раководство на МВР.
Од 18 лица кои се опфатени во истрагата како што вели Тошковски, 9 се веќе во затвор. Еден од тие кои се во затвор беше помилуван од Силјановска, па потоа го вратија.
Тошковски и ВМРО-ДПМНЕ имаат обезбедено само 4 лица, а од преостанатите 9 а 5 им се во бегство.
Партиските интереси во прв план
Веднаш откако стапи на должност, Тошковски, заедно со неговиот заменик Исени во МВР „вдомиле“ 23 советници за кои граѓаните секој месец ќе ги плаќаат со плати и недомсетоци од околу 1 милион денари.
За некои од овие советници на Министерот Тошковски и заменик министерот се предвидени плати и до 66 илјади денари.
Тошковски го ослободи бодигардот на Мицкоски кој тепаше полицаец.
Еве што изјави Тошковски на 19 февруари, откако беше утвтрдено дека лицето што тепаше полицаец на должност е телохранител на Мицкоски.
„Во согласност со информациите што ги имам добиено, тоа лице ќе биде суспендирано од работа сѐ до донесување правосилна пресуда, а таа ќе биде донесена во рамките на постапка по наредба на јавен обвинител, а МВР, се надевам, во текот на овој ден ќе поднесе кривична пријава за напад на службено лице. Во однос на МВР таа постапка е експресно завршена како никогаш досега“, одговори министерот.
Тошковски додаде дека веднаш го осудил овој случај, особено што, како што рече, станува збор за насилство од припадник на МВР.
„Во делот на тоа дека предметното лице попречувало одредена акција при нејзино спроведување, тоа е неточно. Предметното лице, кое сторило напад на службено лице, влегло во акција откога акцијата на службените лица во предметниот објект е завршена. Гледам некои инсинуации во јавноста, мора да сме јасни и прецизни. Сторено е насилство, сторен е напад на службено лице“, објасни тогаш Тошковски и дополни дека секој што згрешил, ќе одговара пред законот и само така ќе се постапува во иднина.
И наместо, како што рече Тошковски дека „секој што згрешил, ќе одговара пред законот и само така ќе се постапува во иднина“, девет месеци подоцна Ивица Бисовски, кој беше дел од обезбедувањето на Христијан Мицкоски, и кој тепаше друг полицаец пред кафе барот Мош во Скопје, министерот за внатрешни работи Тошковски го ослободи од одговорност.
И на крајот, не не мајмалку важно секако, му остана должен извинување на новинарот Фуркан Салиу, кој беше уапсен од единицата за брзо распоредување по наредба на началници во МВР назначени од, тогаш, техничкиот министер од ВМРО-ДПМНЕ, Панче Тошковски.
Фуркан Салиу во тој период беше во фокусот на јавноста откако објави протечени документи и оперативен план на ВМРО-ДПМНЕ за влијание во изборниот процес.
Здружението на новинарите и Синдикатот на независните новинари излегоа со апел случајот веднаш да биде расчистен, да се внимава да не се повредат правата на колегата Салиу, а политичките партии да не го користат случајот за препукувања у за политичките цели во изборната кампања.
Случајот заврши на суд, а во постапката беше докажано дека новинарот Салиу не е виновен по ниту еден основ за кои беше обвинет. За време на овој случај министерот за внатрешни работи вети дека ќе му се извини на новинарот доколку се докаже дека не е виновен. Судот докажа дека Фуркан Салиу не е виновен, а Тошковски не се извини.