Панел дебата: Да се укинат приватните специјализации и да се направи национална стратегија

За да се направи промена – реална и евидентна, треба да се укинат приватните специјализанти, односно приватните специјализации како квота, затоа што државата ако сака да направи реална промена, прво мора да направи национална стратегија што ќе се води барем 10 години без разлика на типот на политичката партија што е на власт, министрите се менуваат многу често, секој министер – кој и да дојде – да биде влезен во таа условно кажано национална стратегија и да ја следи истата без разлика на политичкиот моментален амбиент што се случува во државата, сè со цел ние да следиме еден континуитет и да имаме план и програма што правиме.

Ова денеска го изјави доктор Бојан Трајковски, претседател на Асоцијација на специјализанти и млади лекари, пред почетокот на панел – дискусијата на тема „Меѓународни искуства во постдипломската едукација на доктори“, што се одржува во амфитеатарот на Деканатот на Медицинскиот факултет во Скопје.

– Ако имате план и програма што правите, паралелно точно знаете колкав број студенти ви се потребни по медицина. Тоа е првиот чекор за ние да немаме хипер-продукција на кадар. Вториот чекор е вие да имате план точно на кое место и колку лекари ви недостасуваат, затоа што ние точно знаеме колку луѓе годишно одат во пензија, колку продолжуваат лиценци, колку имаат во план за кое време да бидат во пензија. Согласно тоа, ние да имаме план колкав број колеги ќе одат на која специјализација, рече Трајковски.

Тој смета дека ако на лекарите им се ветат соодветни услови, ниту еден од нив нема да си замине од државава.

– Проблемот е што има многу колеги коишто заминуваат заради своеволието на директорите коишто не сакаат да ги вработат, во моментот има многу колеги коишто и покрај завршената специјализација и завршени шестгодишни студии, тие се невработени, односно работат со договор на дело, што за мене е срамно, додаде Трајковски.

Тој истакна дека здравствените работници си заминуваат барајќи подобар живот.

– Зошто заминуваат колегите надвор од државата? Многу е просто и едноставно – живеат во голема неизвесност. За мене лично како лекар, недозволиво е завршен колега – лекар, да треба да бара втора работа за да може паралелно да специјализира, да може да преживее, бидејќи колку и ние да зборуваме, ако веќе зборуваме за систем што нуди на лекарите 26.000 денари плата, ние зборуваме за срамен систем што никако не ги вреднува лекарите. Можеби не е само проблемот парите и платите што тие во тој момент ќе ги земат, туку што е проблем неизвесноста додека да дојдат до тие 26.000 денари, посочи Трајковски.

Тој рече дека имало колеги со мали деца кои паралелно почнуваат со специјализација и тие не можеле да си дозволат да купат памперс за детето.

Професор доктор Хенрик Херман, член на Извршен одбор на Германската лекарска комора и копретседавач на Постојаниот комитет за специјалистичка медицинска обука на Германското лекарско здружение, беше прашан за причината што младите лекари сè повеќе сакаат да одат во Германија, да работат и да живеат таму.

– Мислам дека системот на специјализации во Сојузна Република Германија е доста квалитетен, доста напреднат и нашите заложба и желба се сите наши колеги од сите европски држави да дојдат кај нас или ние да дојдеме овде и да ги споделиме нашите практики, сè со цел специлизацијата и науката да бидат понапреднати и поусовршени, одговори Херман на новинарско прашање.

Професор доктор Калина Гривчева – Старделова, претседателка на Лекарската комора, рече дека панел – дискусијата е за разменување искуства – какви се специјализациите во другите земји, како е кај нас.  

– Од досегашното искуство – од искуствата на докторите и пациентите и од споредбата на системот во другите земји, потребно е да се ревидира дали оваков систем на специјалистичко образование кај нас е со задоволителен успех и дали има потреба од измени, изјави претседателката на Лекарската комора.

Според неа, Словенија и Германија предничат кога се во прашање најпривлечните земји за младите лекари за специјализација во странство.

– Словенија и Германија предничат. Доста наши млади студенти студираат во Словенија и таму продолжуваат со работење. Тоа е земја што има исти закони како што ги имавме во Југославија, не се променети, додаде Гривчева – Старделова.

Таа беше прашана и за недостигот од онколози и слично, како и тоа дека граѓаните се жалат дека со месеци чекаат прегледи потоа и резултати, а се помал интерес има од студентите за овие значајни гранки, па каква стратегија ни е потребна.

– Ако бидат вработени одма по студирање и да им се пружи можност да завршат специјализација и нормално треба да се има прераспределба на тоа колку, каде, што е потребно. Ние од Лекарската комора се обидовме во минатото, побаравме од сите јавни здравствени установи да ни дадат листи на колку, спрема нивните систематизации, имаат одредени специјалисти од области вработено, колку имаат потреба, а не се вработени и колку од тие кои се вработени, се шест години пред пензија. Затоа што, ако ме прашате мене и тоа е малку. Би требало 10 години за да се преклопи младиот специјалист со стариот околу образование. Значи, план – план да се вработи таму, тој кој треба, одговори Гривчева – Старделова. 

Зачлени се на нашиот е-билтен