ЈЗУ Центар за рехабилитација на патологија на вербална комуникација – Скопје во соработка со здружението за поддршка на лицата со афазија „ХОУП“ утре со почеток во 11 часот, организра јавна панел дискусија на тема афазија, со гости стручни лица, лица со афазија и нивни семејства и пријатели.
Во рамки на активностите во сабота и недела во Градскиот парк во близина на Школка од 10 до 12 часот ќе се делат флаери, рекламни материјали на тема афазија, а посетителите ќе имаат можност за консултација со стручните лица кои ќе бидат присутни, вработени во Центарот за рехабилитација – логопеди и доктори.
Афазијата е нарушување на комуникацијата кое значително влијае на способноста на поединците да зборуваат, разбираат, читаат и пишуваат. Оваа состојба, која најчесто настанува по мозочен удар или повреда на мозокот, може да има длабоки последици за квалитетот на животот на засегнатите лица и нивните семејства. Сепак, свесноста за афазијата и нејзините последици во општеството е ограничена.
-Со овие мерки, можеме да работиме на подобрување на свесноста за афазијата во нашето општество и да помогнеме во намалувањето на стигмата и непознавањето поврзани со оваа состојба, вели Нермин Теловска, директорка на ЈЗУ Центар за рехабилитација на патологија на вербална комуникација – Скопје.