Паника на аеродромот „Хитроу“ – 21 лице се онесвести, можно е масовна хистерија

На лондонскиот аеродром „Хитроу“ вчера попладне завладеа паника откако 21 лице се почувствувало лошо на Терминал 4, а неколкумина дури и паднале во несвест. Дел од терминалот бил евакуиран поради сомнеж дека станува збор за опасен материјал, но по детални проверки, итните служби не пронашле никакви траги на штетни супстанци, пренесува The Guardian.

Според извор од Метрополитенската полиција, најверојатно станува збор за масовна психогена болест – појава позната и како „масовна хистерија“. Ова го потврди и социологот Роберт Бартоломеј од Универзитетот во Окленд, кој објасни дека симптомите – главоболка, вртоглавица, забрзано дишење и онесвестување – одговараат на образец на вакви епизоди.

„Ситуацијата на Хитроу е речиси сигурен пример на масовна психогена болест предизвикана од анксиозност. Се јавува нагло, но симптомите се минливи и жртвите се опоравуваат за неколку минути“, изјави Бартоломеј.

Случајот не е изолиран – во 2005 година на аеродромот во Мелбурн 57 лица пријавиле слични симптоми поради сомнителен мирис, а подоцнежните анализи покажале дека не се работело за хемиска закана.

Стручњаците нагласуваат дека овие епизоди не значат ментално нарушување, туку колективна стресна реакција предизвикана од верување дека постои опасност.

Зачлени се на нашиот е-билтен