Паника во автоиндустријата: „Ова е како за време на пандемијата, кога масовно се купуваше тоалетна хартија“

Геополитичкиот судир околу холандскиот производител на чипови „Nexperia“, кој е во кинеска сопственост, предизвикува паника меѓу европските производители на автомобили.
Се зголемува стравот од нова несташица на чипови, која би можела да предизвика хаос во синџирите на снабдување и да ги парализира производствените линии, потсетувајќи на кризата од 2022 година, пишува Politico.

Испораката на клучните чипови од „Nexperia“ почнала да опаѓа само неколку недели откако холандската влада ја презеде контролата врз компанијата, а САД и Кина воведоа извозни ограничувања. Тоа доведе до панична побарувачка по постоечките залихи.

„Наскоро глобално ќе видиме запирање и забавување на производството, бидејќи многу добавувачи немаат доволни залихи на чипови“, изјавил висок функционер од автоиндустријата, кој сакал да остане анонимен. „Автомобилскиот сектор е во срцето на бурата.“

Чиповите на „Nexperia“ се клучни за многу автомобилски компоненти, од воздушни перничиња до мултимедиски системи. Производителот ги предупредил клиентите за „непредвиден развој на настаните што може да влијае на достапноста на одредени производи“.
„Ова е како за време на пандемијата, кога луѓето масовно купуваа тоалетна хартија“, рекол друг извор од индустријата.

Во срцето на геополитичката бура

Кризата започнала кон крајот на септември, кога холандската влада, повикувајќи се на закон од 1952 година, ја презела контролата врз Nexperia, која во 2019 година ја купила кинеската компанија Wingtech. Властите се сомневале дека директорот на Nexperia префрлал технологија и производствени капацитети надвор од земјата.

Оваа одлука дошла само еден ден по тоа што САД ги прошириле извозните контроли врз Wingtech и нејзината подружница Nexperia. Четири дена подоцна, кинеското Министерство за трговија вовело сопствени контроли, забранувајќи извоз на компоненти произведени во Кина.

Иако Nexperia не произведува најнапредни чипови, тие се од суштинско значење за автомобилската индустрија: класичен автомобил содржи до 500 вакви чипови, а електричен – и до 1000.
Поради тоа, кризата со Nexperia стана приоритет број еден во Брисел.

„Прашањето за чиповите е од голема важност за многу аспекти на нашата политика, особено за енергетската транзиција“, изјавила Паула Пинхо, главна портпаролка на Европската комисија.
Таа додала дека комесарот за индустрија Стефан Сежурне веќе разговарал со индустриските лидери „за да дознае дали постојат конкретни недостигнувања“.

Реакции од индустријата

Компаниите веќе почнале јавно да изразуваат загриженост. Автомобилскиот сојуз ACEA минатата недела соопштил дека е „длабоко загрижен поради потенцијално сериозни нарушувања во производството“ ако не се најде брзо решение.
Од таму велат дека чиповите на Nexperia можат да се набават и од други производители, но пренасочувањето кон нови добавувачи би траело подолго од тековните залихи.

Volkswagen ги предупредил своите работници дека прекините во производството се можна реалност, објави германскиот Bild.
„Nexperia не е директен добавувач на Volkswagen групацијата, но некои од нивните компоненти се користат во нашите делови кои ги испорачуваат наши добавувачи“, соопштил портпарол на VW за Politico.
„Моментално нашето производство не е засегнато, но краткорочни ефекти не можат да се исклучат.“

Нов закон за чипови на пат

Случајот Nexperia повторно ја разоткри опасната зависност на ЕУ од увоз на микрочипови.
По кризата од 2022 година, Унијата го донесе Законот за чипови, со цел да ја зајакне домашната продукција, но целите се уште се далеку од остварување.
ЕУ и понатаму е далеку од амбицијата до 2030 година да достигне 20% удел во глобалната вредност на микрочипови.

Европската комисија оваа недела најави дека ќе предложи „Закон за чипови 2.0“ во првиот квартал од следната година.
И европските пратеници и државите членки се согласуваат дека ова е итна потреба.

„Европскиот Закон за чипови 2.0 е во подготовка. Но случајот Nexperia покажува дека времето истекува“, напиша Херман Кварлес ван Уфорд, виш политички советник во Европскиот совет за надворешни односи.

Зачлени се на нашиот е-билтен