Панорамско тркало и пиратски брод: Скопје конечно добива нов Луна парк

После осум години затворен и обраснат Луна парк, уште еднаш стигнува ветување дека градот ќе добие современ забавен парк – овој пат со конкретен чекор: распишана јавна набавка за проектирање и монтажа на новиот Луна парк на површина од 84.000 квадратни метри. Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави дека почнува постапката за изградба на „ултра модерен“ парк што, според најавите, треба да биде еден од најдобрите во регионот.

Ѓорѓиевски на својот официјален фејсбук-профил потсети на „долгите години оддолговлекувања и лажни ветувања“ и најави дека започнува реализација на проект кој, како што вели, треба да ја означи „новата ера на семејна забава во градот“. Според објавата, Луна паркот ќе биде изграден по највисоки европски стандарди, со акцент на безбедноста, пристапноста и современите забавни концепти.

Планот предвидува ролеркостери, водени атракции, интерактивни игри, зони со виртуелна реалност и „целосно ново ниво на урбана забава“. Панорамско тркало, пиратски брод, подморница, среќна лулашка и други реквизити треба да ја создадат препознатливата силуета на новиот парк и да го зајакнат туристичкиот имиџ на Скопје. Паркот, како што нагласува градоначалникот, ќе биде целосно прилагоден и за лица со попреченост, со најсовремени системи за безбедност, видео надзор и прва помош. На истиот простор се предвидени и зони за одмор, улична уметност, локации за културни настани и театар со затворена сцена – концепт на забавен и културен центар, а не само класичен рингишпил-парк.

Оваа најнова најавa доаѓа по повеќе пропуштени рокови и несреќни обиди. Луна паркот беше затворен во 2017 година во мандатот на Коце Трајановски, кога почна изградба на нов парк и беа купени неколку реквизити и подигната барокната капија. Со доаѓањето на Петре Шилегов работите беа стопирани и беше најавен нов, поголем забавен парк со околу 20 дополнителни реквизити, меѓу кои токму панорамско тркало, ролеркостер, тајфун и пиратски брод, со капацитет од околу 3.000 посетители дневно и проценета вредност од околу 12 милиони евра. И покрај распишани тендери и студија од италијанско студио, проектот остана само на хартија.

Во мандатот на Данела Арсовска, јавноста повторно слушаше ветувања дека старите реквизити ќе бидат ставени во функција до изградбата на новиот парк, но теренската слика остана иста: затворена капија, запуштени реквизити и див забавен парк кај салата „Борис Трајковски“, кој работеше без дозволи и беше предмет на полициски и инспекциски контроли. Репортажите од мај 2024 година потсетуваа дека Скопје веќе осум години е без функционален Луна парк, иако градот плаќа за проект што не се реализира.

Сегашната градска администрација веќе најави временска рамка: тендерската постапка за Луна паркот треба да тече паралелно со другите капитални проекти, а според изјавите на Ѓорѓиевски, Скопје треба да добие функционален Луна парк до јуни 2027 година – односно за околу година и пол од отпочнувањето на постапката. Тој го опиша проектот како „место за радост и игра“ што новите генерации го очекуваат со децении.

По долгата историја на недовршени идеи, сменети концепти и празни ветувања, останува клучното прашање: дали распишаната јавна набавка и јасно најавениот рок значат дека овој пат забавниот парк навистина ќе се изгради, или Скопје повторно ќе остане со уште еден „промотивен рендер“ и капија без парк зад неа. За граѓаните кои веќе генерации чекaат вистински Луна парк, мерилото нема да бидат соопштенијата, туку камионите, крановите и, на крајот – светлата од панорамското тркало над Градскиот парк.

Зачлени се на нашиот е-билтен