Филмските ѕвезди Кејт Бланшет, Моника Белучи, Крис Пајн, добитникот на Оскар Спајк Ли, како и српскиот режисер Емир Кустурица присуствуваа на аудиенцијата со Папата Лав XIV.
Првиот американски папа, Лав XIV, рече дека киното е витална „работилница на надежта“ во време на глобална неизвесност и дигитално преоптоварување.
„Кината доживуваат загрижувачки пад. Сè повеќе луѓе сметаат дека уметноста на филмот и кинематографскиот опстанок се во опасност. Ги повикувам институциите да не се откажуваат, туку да соработуваат во потврдувањето на социјалната и културната вредност на оваа активност“, рече папата.
Приходите од кино благајните во многу земји се сè уште далеку под нивоата пред Ковид-19, а мултиплексите во Соединетите Американски Држави и Канада го доживеаја најлошото лето од 1981 година, со исклучок на времето на пандемијата.
Пред денешната средба, Ватикан објави список на омилени филмови на папата, вклучувајќи ги: семејниот мјузикл на Роберт Вајс „Моите песни, моите соништа“, емотивниот „Прекрасен живот“ на Френк Капра, трогателниот „Обични луѓе“ на Роберт Редфорд и сентименталната драма од Втората светска војна „Животот е прекрасен“ на Роберто Бенињи.
Ватикан во соопштението од неделава изјави дека папата „изразил желба да го продлабочи дијалогот со светот на филмот, истражувајќи ги можностите што уметничката креативност ги нуди за мисијата на црквата и промоцијата на човечките вредности“. Ватиканската канцеларија за култура објавува дека состанокот е врска помеѓу црквата и светот на културата како дел од прославата на Светата година на Римокатоличката црква.
Но, коментаторите забележуваат дека станува збор и за промоцијата на папата Лав XIV, кој минатата недела беше домаќин на Роберт де Ниро, што католичките медиуми не го следеа, како и за фрлање позитивно светло врз црквата.
Лав XIV беше востоличен пред нешто повеќе од шест месеци и се смета за поблаг и подискретен папа во споредба со неговиот харизматичен, но честопати контроверзен претходник, покојниот папа Франциск.

