Папата Лав XIV ги критикува оние што ги негираат климатските промени: Повикува на глобална акција пред самитот COP30 во Бразил

Папата Лав XIV ги критикува оние што ги негираат климатските промени. Повикува на глобална акција пред самитот COP30 во Бразил

Во својот прв голем говор за климатските промени, папата Лав XIV остро ги осуди оние што го негираат влијанието на глобалното затоплување, велејќи дека повеќе нема простор за рамнодушност.

Тој во говорот упати силна осуда на оние што го потценуваат она што го нарече „сè поочигледно“ влијание на глобалното затоплување.

Продолжувајќи во насоката што ја постави неговиот претходник, папата Франциск, папата Лав XIV ги критикуваше оние што се потсмеваат на предупредувањата за климатските промени. Според Би-Би-Си, неговите изјави за време на говорот во замокот Кастел Гандолфо во близина на Рим се толкуваат и како индиректна критика на американскиот претседател Доналд Трамп, кој минатиот месец ги нарече климатските промени „измама“.

Папата Лео, исто така, повика на посилна граѓанска акција низ целиот свет, велејќи дека нема место за рамнодушност и пасивност.

Наследството на папата Франциск и повикот за единство

Зборувајќи на конференцијата „Обнова на надежта“, организирана по повод десетгодишнината од објавувањето на енцикликата Laudato Si’, папата Лав XIV ја нагласи важноста на климатските прашања во активностите на Католичката црква.

Документот напишан од папата Франциск значително влијаеше врз глобалниот дискурс за заштита на животната средина и, како што многумина веруваат, придонесе за усвојување на Парискиот климатски договор во 2015 година.

Сепак, новиот папа изрази загриженост за продлабочувањето на поделбите предизвикани од темата за климатските промени. Повикувајќи се на списите на својот претходник, тој рече дека некои избрале да се потсмеваат на очигледните знаци на климатските промени, да се потсмеваат на оние кои предупредуваат за глобално затоплување, па дури и да ги обвинуваат сиромашните, иако тие се оние кои најмногу ги трпат последиците.

Трамп повторно е цел на индиректни критики

Пред две недели на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, американскиот претседател Доналд Трамп го нарече климатското движење „најголемата измама во историјата“ и ја отфрли употребата на обновливи извори на енергија.

„Јаглеродниот отпечаток е лага измислена од луѓе со зли намери. Тие го водат светот во правец на самоуништување“, рече Трамп во тоа време.

Папата Лео, кој е првиот поглавар на Католичката црква роден во Соединетите Американски Држави, претходно беше во конфликт со администрацијата на Трамп, особено околу миграциската политика и прашањата за националната безбедност.

Повик за глобална акција пред COP30

Во својот говор, папата Лав XIV нагласи дека граѓаните на светот мора да извршат притисок врз политичарите да преземат конкретни мерки.

„Само ако активно учествуваме во политичките одлуки, ќе можеме да ја ублажиме штетата што ја предизвикуваме на планетата“, рече тој.

Тој, додаде духовна димензија на својата порака.

„Бог ќе нè праша – дали го негувавме и зачувавме светот што ни го даде за доброто на сите и идните генерации? Дали се грижевме за нашите браќа и сестри? Кој ќе биде нашиот одговор, драги пријатели?“

Конференцијата „Обнова на надежта“ се одржа малку повеќе од еден месец пред почетокот на самитот за климата COP30, кој ќе се одржи во Белен, во срцето на Амазон.

Светските лидери ќе се соберат таму во време кога прашањето за намалување на емисиите на штетни гасови губи приоритет во многу земји.

Бразилската министерка за животна средина Марина Силва упати покана до Папата да присуствува на самитот во име на претседателот Лула да Силва.

„Убедена сум дека неговото присуство ќе даде клучен придонес и ќе го направи COP30 историски момент за конкретно спроведување на климатските политики.“

Поранешниот гувернер на Калифорнија, Арнолд Шварценегер, исто така, зборуваше на конференцијата, пофалувајќи го Папата за инсталирањето соларни панели на сите згради во Ватикан, нарекувајќи го „вистински акционен херој“

Зачлени се на нашиот е-билтен