Париз: 35 држави на маса за безбедносни гаранции за Украина

Лидерите на околу 35 држави денеска, 6 јануари, се собираат во Париз на самит на т.н. „коалиција на подготвените“, со цел да се договорат безбедносни гаранции за Украина во случај Русија повторно да нападне по евентуален мировен договор. Во Киев очекуваат „конкретни обврски“, затоа што токму пакетот гаранции се третира како темел на секој план што би ја завршил руската инвазија и би спречил нова ескалација.

Францускиот претседател Емануел Макрон, најавувајќи ја средбата во новогодишното обраќање, порача дека во Париз ќе се очекуваат „цврсти“ и „конкретни“ обврски од европските држави и сојузниците за заштита на Украина и обезбедување „праведен и траен мир“ во Европа. На самитот се очекува учество и на американскиот специјален пратеник Стив Виткоф, како и на советникот на Доналд Трамп, Џаред Кушнер.

На агендата се и долгорочните обврски што треба да ја одвратат Москва од нов напад, при што дел од идеите се споредуваат со членот 5 на НАТО. Таквата „член 5-налик“ гаранција би имала сериозни последици за европските влади и би барала парламентарни одобренија, а во Париз ќе се отвори и прашањето како би се верификувал евентуален прекин на огнот: се спомнува високотехнолошки систем долж линијата на контакт за да се утврдува одговорност за прекршувања, бидејќи токму прекршувањето би можело да ја активира гаранцијата.

Паралелно, во пакетот гаранции се вметнува и европската перспектива на Украина. Во актуелниот „20-точковен“ план се спомнува членство во ЕУ до јануари 2027, но во Европската комисија тоа се оценува како нереално, па датумот најверојатно би се претворил во „аспиративна“ цел со постепено приклучување за да се избегнат пазарни шокови, меѓу другото и во земјоделството.

Една од најконтроверзните точки е можноста за распоредување трупи во Украина или во нејзина близина, но далеку од фронтот. Русија веќе соопшти дека нема да прифати трупи од земји членки на НАТО на украинска територија, што дополнително ја подига цената на секој „силен“ гарантен аранжман. Во заднина е и пораката од Вашингтон дека Европа треба да преземе поголема одговорност за идната безбедност на Украина. По средбата на Трамп и Володимир Зеленски во Флорида во декември, Трамп говореше за „силен“ безбедносен договор и истакна дека европските држави се „многу вклучени“. Зеленски, пак, тврди дека „20-точковниот“ план е „90% договорен“, а безбедносните гаранции САД–Украина „100% договорени“, со очекување по Париз документите да се усогласат на ниво на лидери, потоа да следи заедничка средба со Трамп и европските лидери, а дури потоа – чекор по чекор – и формат за разговори со Русија.

Зачлени се на нашиот е-билтен