Париз брзо добива репутација како европски центар на урбаното пчеларство. Денес, на покривите на познати згради, хотели, ресторани, но и во приватни дворови и канцеларии има повеќе од две илјади кошници за пчели.
Градските пчели се покажаа како поотпорни и попродуктивни од оние во селата, а нивниот мед се користи за потребите на рестораните, хотелите и домаќинствата.
Меѓу локациите каде што се кријат кошниците се катедралата Нотр Дам, Гранд Пале, операта Гарние и музејот Орсеј.
Особено е интересно што околу 200.000 пчели од покривот на Нотр Дам го преживеаа катастрофалниот пожар во 2019 година.
Одредени познати ресторани и хотели, како што се Тур д’Аржен или Вестин, произведуваат свој мед, кој станува дел од нивното мени, објавува порталот Одрџиме.
Овој тренд сè повеќе го привлекува вниманието на граѓаните, па затоа е можно да се посетуваат курсеви за пчеларство во рамките на Централното друштво на пчелари, основано во 1856 година.
Парискиот мед се смета за еден од најдобрите примери за одржливост во урбани услови, пчелите не ги вознемируваат минувачите, а производството на мед е органско, без употреба на пестициди.
Пчелите и другите опрашувачи се клучни за три четвртини од растенијата што сочинуваат дури 90 проценти од светската храна, што дополнително ја истакнува важноста на урбаното пчеларство како одговор на глобалната криза со опрашувачи.