По веста дека на 28 декември 2025 година почина Брижит Бардо, во Бугарија повторно се врати во фокус едно место што со години тивко сведочи за нејзиниот втор живот – оној надвор од филмот. Во шумите над Белица, меѓу падините на Рила, функционира засолниште за поранешни „танцувачки“ мечки, проект што се поврзува со нејзината фондација и со меѓународната организација Four Paws.
Паркот е создаден како практичен одговор на една балканска традиција што со децении се продавала како „фолклор“, а во суштина била систем на суровост: мали мечиња одземани од природата, дресирани со болка и страв, потоа врзувани со синџири и носни алки за да „играат“ по улици и вашари. Во Бугарија оваа пракса е формално забранета во 1998 година, но последните случаи, според податоците на Four Paws, завршуваат дури во 2007 година, кога последните „танцувачки“ мечки се префрлени во Белица.
Македонската јавност се сеќава и на мечето Теди кое беше во депресија во Битолската ЗОО, а потоа беше пренесено во резерватот каде што беше успешно рехабилитирано
Засолништето е градено фазно. Бугарската новинска агенција наведува дека паркот бил отворен на 17 ноември 2000 година како прв ваков центар на Балканот и во Источна Европа, а подоцна се проширува до вкупна површина од околу 12 хектари, на надморска височина околу 1.300 метри, во мешана шума што треба да имитира природно живеалиште. Финансирањето и партнерството се поврзуваат со Four Paws, Фондацијата „Брижит Бардо“ и Општина Белица.
Денес засолништето е дом на 17 мечки, дел од нив поранешни „танцувачки“ мечки од Бугарија и соседството, а дел животни спасени од приватно заробеништво и несоодветни услови. Four Paws наведува дека по укинувањето на традицијата, центарот го менува и името – од „Dancing Bears Park“ во „Bear Sanctuary Belitsa“ – со поширока мисија за згрижување мечки од заробеништво и лоши зоолошки услови.
Во јавната слика, Белица често се претставува како „туристичка атракција“, но суштината на местото е поинаква: реадаптација и доживотна нега. Дел од мечките што со години биле држени на синџир или на бетон не успеваат веднаш да влезат во природен зимски сон, а персоналот работи со ветеринарни тимови и со методи за збогатување на средината за да се намалат стереотипните, трауматски однесувања. Тоа е процес што трае со години и во кој „успех“ понекогаш значи најосновно – животното да престане да кружи нервозно и да почне да копа, да се капе, да се крие, да се одмора.
Во деновите кога Европа се простува од Бардо како филмска икона и како контроверзна, но влијателна активистка за животни, токму ваквите проекти остануваат како нејзин најконкретен отпечаток. Не во цитати, не во комеморации, туку во шумски патеки, базени за капење и вештачки брлози – инфраструктура изградена за оние што некогаш биле принудени да „играат“ за ситни пари, а потоа останале затворени во туѓа болка.