Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) денеска соопшти дека сите одлуки поврзани со статусот на Гренланд или неговите односи во рамките на Кралството Данска можат да ги донесат исклучиво народот на Гренланд и народот на Данска.
Во соопштението се наведува дека ПССЕ усвоила резолуција за Гренланд и заканите по меѓународниот поредок, врз основа на извештајот на пратеникот од редовите на европските либерали, Бертран Буи.
Собранието ги оцени неодамнешните закани од страна на Соединетите Американски Држави кон „суверенитетот и територијалниот интегритет на Кралството Данска“, која е членка на Советот на Европа, како „фундаментален предизвик за меѓународниот поредок“.
Пратениците ја поздравија „цврстата решителност и заедничкиот одговор на европските држави“ во поддршка на Гренланд и Данска, нагласувајќи дека секој обид за доведување во прашање на нивниот суверенитет е спротивен на меѓународното право.
„Неодамнешните јавни изјави што сугерираат стекнување, контрола или пренос на територија ги доведуваат во прашање воспоставените меѓународни норми. Дури и кога се претставени како хипотетички или стратешки, ваквите изјави ризикуваат да го поткопаат почитувањето на суверенитетот и територијалниот интегритет и да создадат клима во која притисокот и трансакциската логика стануваат прифатливи“, порачаа членовите на ПССЕ.
Тие потсетија дека длабоките врски меѓу Европа и Соединетите Држави се изградени врз меѓусебна доверба, предвидливост и почитување на заеднички договорените правила и вредности, што е предуслов за стабилни меѓународни односи.
ПССЕ, исто така, повика на зајакнување на безбедноста во арктичкиот регион, како и на поголемо политичко ангажирање и зголемено финансирање за безбедносните капацитети и институциите на Гренланд и Данска.
Парламентарното собрание на Советот на Европа брои 306 пратеници од националните парламенти на 46 земји членки.