Патот на македонскиот караман до светската елита на кучиња

караман

Кинолошкиот Сојуз на Република Македонија и Кинолошкиот Клуб за Македонско Овчарско Куче Караман, соопштија дека Светската Кинолошка Федерација (FCI) одговори позитивно на барањето караманот да биде вклучено во светското семејство на расни кучиња, Со тоа што Македонија се здоби со нејзината втора раса овчарско куче воедно прва само Македонска раса како Македонското Овчарско Куче КАРАМАН.

Еве ја приказната за македонскиот караман и за неговиот пат до светското семејство расни кучиња.

Заслугата првенствено им припаѓа на браќата Влатко и Марјан Костовски.

По скоро еднодецениско набљудување на бачилата на македонските планини и по согледување на зачестената присутност на македонскиот караман во македонската народна литература, браќата Влатко и Марјан Костовски се нафатија на еден тежок и долготраен кинолошки проект – создавање исклучиво македонска раса на куче. Станува збор за македонското овчарско куче – Караман за кое, браќата Костовски, во својата прва книга под наслов Македонско овчарско куче – Караман, го напишаа стандардот за истоимената раса. Заради организирано зачувување на македонскиот караман, во 2004 год. се оформи Кинолошки клуб “Македонско овчарско куче – Караман” – Скопје кој потоа беше примен како полноправна членка во Кинолошкиот сојуз на Македонија.

Кинолошки клуб “Македонско овчарско куче – Караман” – Скопје, во соработка со Кинолошкиот сојуз на Македонија во поглед на стручна кинолошка помош, постојано води сметка за мерење и евидентирање на македонскиот караман, како и за архивирање на податоците, но и за селекција и за афирмирање на оваа раса во создавање, се до нејзиното конечно етаблирање во меѓународното кинолошко семејство.

На 06. април 2011 година беше одржан состанок на Стручниот совет на КСМ на кој, од една страна, беа присутни генералниот секретар на КСМ, Слободан Милошевски, и потпретседателот на Стручниот совет на КСМ, д-р Перо Божиновски, а од друга страна, авторите на стандардот на Македонското овчарско куче – Караман, Влатко Костовски и Марјан Костовски, кои воедно беа и претставници на Кинолошки клуб “Македонско овчарско куче – Караман”.

На тој состанок, по долга и исцрпна анализа, се коригираше првиот стандард на караманот според правилникот на ФЦИ, така што се донесе Предлог – стандард за Македонско овчарско куче – Караман. Тој денес претставува официјален документ на кинолошките изложби низ Македонија.

Прво ревијално изложување на македонското овчарско куче – Караман

На ЦАЦИБ изложбата која ја организира Кинолошкиот сојуз на Република Македонија, на 09. мај 2010 год. на стадионот на АРМ, Кинолошкиот клуб Македонско овчарско куче – Караман за првпат официјално ја претстави расата Македонско овчарско куче – Караман. За првпат по осамостојувањето на Македонија, јавно беше изложена првата исклучиво македонска раса куче, Македонското овчарско куче – Караман. Претставувањето на оваа раса беше проследено со 13 машки и 10 женски единки, а судија во рингот беше Владимир Крстевски. На крајот на изложбата беа прогласени најтипичниот мажјак и најтипичната женка за оваа раса.

За најрепрезентативен мажјак беше одреден караманот Кербер чиј сопственик е Сашо Божиновски, а за најрепрезентативна караманка беше посочена Чигра на Влатко Костовски. На овие две единки им беше доделена наградата златен околувратник кој традиционално се доделува на секое изложба организирана од Кинолошкиот клуб „Македонско овчарско куче – Караман”.

Караманот Кербер и сопственик е Сашо Божиновски

Почесната награда (златен околувратник) претставува метафорична белешка на еден стар македонски обичај: заштитниот околувратник да му се става на најдоброто куче на бачилото со цел да му се продолжи работниот и животниот век.

Втората државна ревијална изложба за македонско овчарско куче – Караман беше одржа на 30.04.2011 година на стдионот на Армијата на Република Македонија. На неа учествуваа 10 машки и 9 женски единки. Судија во рингот беше Владимир Крстевски. Традиционалната награда Златен околувратник ја добија караманот Тајсон на Љутви Рушити и караманката Мона Лиза на Борис Лазовски.

Караманот во полицијата и на поштенска марка

Поради издржливоста на македонското овчарско куче – караман на македонската клима и релјеф, македонската полиција веќе ги стави во употреба способностите на овој вид куче.

Македонското овчарско куче – Караман доживеа и да се најде на поштенска марка издадена од Македонски пошти во април 2011 година. Заедно со марката беа излезени во употреба плик и воден жиг со ликот на ова македонско кинолошко достоинство.

За особен придонес во афирмацијата на македонското овчарско куче – Караман повеќе лица и институции традиционално се наградуваат со уметнички слики насликани од академскиот сликар Влатко Костовски на кои се претставени мотиви со македонскиот караман.

Презентација на македонското овчарско куче – Караман

Македонските овчари се оние кои низ повеќето милениуми ја сочувале оваа стара македонска раса на куче. Токму тие се оние кои и во иднина ќе се грижат за неа преку нејзино одгледување во природни услови на македонските планини. На една од најубавите македонски планини на пасиштата на Бистра, во атарот на с. Галичник, на бачилото ,,Вардар – Градскоˉ во рамките на манифестацијата ,,Ден на одгледувачите на овци и козиˉ на 16. 07. 2011 година беше направена презентација на македонското овчарско куче – Караман.

Потекло:

Република Северна Македонија

Датум на издавање на официјалниот стандард:

На 11.02.2026 година, македонското Овчарско Куче КАРАМАН беше примено во семејството на расни кучиња при FCI како условно призната раса.

Користење:

За заштита на стада и на имот

Класификација на ФЦИ:

Група 2 – Пинчери и шнауцери, молоси и швајцарски овчарски кучиња; Секција 2. Молоси 2.2. Тип на планински кучиња без работен испит.

Краток историски преглед на расата:

Македонското овчарско куче – Караман е автохтона раса чии прапочетоци се врзуваат за неолитските земјоделско-сточарски населби во Македонија, како и за локалните номадски движења. Континуирано се одгледува како заштитник на стадата во цела Македонија. Македонците негувале посебен култ спрема караманот и тој отсекогаш претставувал нивно митско куче. Неговиот лик зазема видно место во записите на античките поети, на средновековните фрески и иконостаси во македонските манастири, како и во епските народни песни од 19 век. Во чиста форма го зачувале македонските сточари чиј конзервативен живот се одвивал номадски – во постојано движење од летните кон зимските пасишта и обратно. Поради неговата исклучителна храброст и верност, денес се среќава како заштитник на стада, но и како заштитник на лица и чувар на недвижен имот.

Генерален впечаток:

Куче со снажна, збиена конституција и со складни пропорции на сите делови на телото. Доста е подвижен, издржлив на физички напори и со изострени сетила. Разликата меѓу половите е видливо изразена. Мажјаците се покрупни, помасивни, робусни и со широка глава. Женките се со помала и со поелегантна конституција.
Тој е неподмитлив чувар на стадото, лицата или на објектите доверени на чување. Недоверлив е спрема непознати, а лаењето му е силно, длабоко и пробивно. Верноста му е карактеристична особеност и се врзува за еден човек.

Важни пропорции:

Телото е правоаголно. Должината на телото кај мажјаците е за 9-11%, а кај женките за 11-13% поголема од височината на гребенот. Длабочината на градите е 40% од височината на гребенот. Соодносот меѓу муцката и черепниот дел е, кај мажјаците 37:63%, а кај женките е 38:62%.

Однесување / Темперамент:

Неподмитлив чувар, недоверлив спрема непознати, смирен е и трпелив, водлив, дружељубив со деца, а според темпераментот, тој е храбро и по потреба остро куче.

Зачлени се на нашиот е-билтен