Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

„Патриотите“ откако го одбранија Аце – ќе го бранат Гоце

ДЕХРАН МУРАТОВ

„Херојска“ стража и целодневно присуство на гробот на Гоце Делчев на денот кога се одбележува неговиот роденден, 4 февруари, најавуваат Централниот Комитет на Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ, „Гоце Делчев“, предводен од Александар Пандов, како и партиите на Јанко Бачев, Петар Богојески и Димитар Апасиев.

Сè уште се свежи сеќавањата кога група изманипулирани и излажани граѓани се собраа на плоштадот во Скопје за да го бранат споменикот на Александар Македонски од „бугарскиот кран“, кој „влезе“ во Македонија за да се отстрани споменикот, поради како што дезинформираа, доаѓањето на грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас, (на 21 март 2018 година).

Денес сме сведоци дека сите тие вести беа лажни, и доаѓаа од одредени политички центри кои не сакаа да се реши 27 годишниот спор за името. Таквите пропагандни објави имаа цел да манипулираат и да го вознемируваат населението во однос на Договорот од Преспа кој се потпииша на 17 јуни 2018 година во селото Нивици, на брегот на Преспанското Езеро.

Денес, по скоро 5 години од потпишувањето на Преспанскиот договор се воспостави стратешко партнерство меѓу двете соседни држави. Со решавањето на овој децениски спор, се овозможи евроатлантската интеграција на нашата земја.

Истите тие центри кои пред речиси 5 години ги заплашуваа граѓаните (македонските патриоти, или оние кои се уште не се помирија со промена на името и викаат „никогаш Северна“), дека со „бугарски кран ќе се егзекутира споменикот на Александар Македонски во Скопје“, денеска ги заплашуваат дека мора да го бранат гробот на Гоце Делчев, оти како што велат: „ако го изгубиме Гоце Делчев – ќе ја изгубиме историјата, се губиме сами себе како Македонци“.

„Хероите“ што ќе го бранат гробот на Гоце Делчев од Бугарите кои ќе дојдат на чествувањето, веројатно знаат дека таму „ќе се за секој случај“ и дека се манипулирани за добивање на евтини политички поени. И минатата година во чест на јубилејната 150 годишнина од раѓањето на Гоце Делчев свежо цвеќе на вечното почивалиште на македонскиот револуционер положи и делегација на Владата на Република Бугарија, предводена од министерката за надворешни работи, Теодора Генчовска, придружувана од заменичката-министерка за надворешни работи, Велислава Петрова, заменик-министерот за култура, Јуриј Велковски и амбасадорот на Република Бугарија во нашата земја, Ангел Ангелов.

И лани, но и претходните години се поклонуваа делегати, политичари, граѓан(к)и од Бугарија пред гробот на Гоце Делчев и не се крена никаква прашина околу тоа. Со самото поклонување на бугарските граѓани всушност му се дава признание на ликот и делото на македонскиот револуционер.

А бугарските националисти и провокатори не се ни за коментирање, со нив (ќе) се занимаваат нашите безбедносни служби.

Достоинствено да го чествуваме денот од раѓањето на револуционерот Гоце Делчев кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите.

Извор: ЦивилМедиа

Зачлени се на нашиот е-билтен