Американските акции, државните обврзници и доларот паднаа поради растечките загрижености за одржување на статусот на американските средства како најсигурни во светот.
Доу Џонс падна за 690 поени, или 1,62%, S&P 500 се лизна за 1,25%, додека технолошкиот индекс Nasdaq Composite падна за 1%.
Повисоките приноси значат пониски цени на обврзниците
Иако 20-годишните обврзници обично добиваат помалку внимание од 10- и 30-годишните, инвеститорите се исклучително чувствителни на каков било сигнал од пазарот на државни обврзници овие денови, особено поради тоа што „Мудис“ во петокот го намали кредитниот рејтинг на САД.
Министерството за финансии продаде обврзници во вредност од 16 милијарди долари, а аукцијата заврши со принос од 5,047%, што е значително повисоко од 4,83% на претходната аукција во февруари. Ова укажува дека инвеститорите бараат повисоки каматни стапки за да го задржат американскиот долг.
На аукцијата, инвеститорите прифатија принос повисок од просекот од 4,613%, и за 0,011 процентни поени повисок од приносот непосредно пред крајот на лицитацијата. Ова е прв пат од октомври 2023 година приносот на овој тип обврзници да надмине 5%, што е јасен знак за слаба побарувачка – Министерството за финансии мораше да понуди повисок принос за да привлече купувачи.
По објавувањето на резултатите од аукцијата, приносот на 20-годишните обврзници се искачи на 5,103%, што е највисоко ниво оваа година. Повисоките приноси значат пониски цени на обврзниците, што е негативна вест за постојните инвеститори.
„Дискусиите за буџетот во Вашингтон не инспирираат многу доверба“
Приносите на американските обврзници растат веќе неколку дена, откако „Мудис“ го одзеде последниот совршен кредитен рејтинг на САД. Цените и приносите се движат во спротивни насоки – кога цените паѓаат, приносите растат.
„Иако одлуката на Мудис да го намали рејтингот на суверениот долг на САД од Aaa на Aa1 беше очекувана, таа дополнително го привлече вниманието кон клучните прашања – растечкиот дефицит и долг“, изјави аналитичарот Хјуи.
Берзите веќе беа во пад во текот на утрото, додека републиканците се обидуваа да го протуркаат „големиот, прекрасен“ даночен закон на Трамп. S&P 500 вчера ја прекина шестдневната победничка серија.
„Тековните буџетски дискусии во Вашингтон не влеваат многу доверба кај глобалните инвеститори дека овие предизвици се земаат сериозно при донесувањето политички одлуки“, додаде Хјуи.
Доларот исто така под притисок
На валутните пазари, доларот ослабе – индексот што ја мери неговата вредност во однос на шест главни валути падна за 0,6%.
Невообичаената позиција на 20-годишните обврзници
Дваесетгодишните обврзници често се нарекуваат „несмасно средно дете“ на пазарот. Инвеститорите генерално преферираат 10- и 30-годишни обврзници поради нивната ликвидност и стабилност, додека 20-годишните речиси редовно нудат повисоки приноси – дури и повисоки од 30-годишните, што е невообичаено.
Фокусот денес беше токму на овие обврзници, чии приноси ја надминаа границата од 5%, достигнувајќи 5,061%. Ако ја надминат највисоката интрадневна вредност за 2025 година – 5,089%, може да се очекува дополнителен раст.
Приносите растат кога цените паѓаат поради слаба побарувачка, па повисокиот принос е лоша вест за оние што веќе ги поседуваат.
Дневниот максимум за приносот веќе е надминат шест пати оваа година: достигнувајќи 5,064% во понеделник и 5,066% на 9 април. Повисоки вредности се забележани и во јануари.
Поширок фискален контекст
Инвеститорите внимателно ги следат овие аукции, загрижени дека побарувачката би можела и понатаму да слабее поради зголемената фискална неизвесност. Конгресот, контролиран од републиканците, предложи нов даночен закон кој би можел да додаде околу 3,3 трилиони долари на националниот долг.
Законот се очекува да биде изгласан во Претставничкиот дом пред Денот на сеќавањето, а Сенатот да го разгледува во текот на летото.
Сепак, пазарот не реагира драматично на секоја слаба аукција. Издавањето на 20-годишни обврзници беше укинато во 1986 година, а повторно воведено од поранешниот секретар за финансии Стивен Мнучин пред пет години, за време на мандатот на претседателот Доналд Трамп. Овој инструмент сè уште не е популарен меѓу инвеститорите.
Поради тоа се претпочитаат поликвидни 10- и 30-годишни обврзници, додека 20-годишните често нудат повисоки приноси – што претставува пазарна аномалија.
Bottom of Form
Bottom of Form