Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Педро Лурти: Проширувањето е инструмент за геополитичко зајакнување на ЕУ  

– Меѓу членките на ЕУ постои поделба во однос на процесот на проширувањето, во услови кога блокот се обидува да ја зајакне својата стратешка автономија во новиот геополитички свет, смета португалскиот амбасадор во Унијата, Педро Лурти. 

– На Унијата и е јасно дека светот се менува. Денес, постојат неколку глобални сили чија цел е да го променат балансот воспоставен во периодот по Втората светска војна и по Студената војна, а Европската Унија мора да биде способна да дејствува во овој нов геополитички свет на релативно автономен начин, изјави Лурти. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, во обраќање на дебата на тема „ЕУ во светот што се менува“, португалскиот постојан претставник во Унијата оцени дека проширувањето претставува еден од инструментите за геополитичко зајакнување на блокот, но дека тој процес има „има две страни на медалот“. 

– ЕУ не може да ги фрустрира очекувањата на земјите што сакаат да и се приклучат и со проширувањето добива нова и поважна политичка тежина, но Унијата знае дека треба да дејствува во свет каде што геополитиката се преклопува со економската глобализацијата и таа мора да се развива и во однос на нејзината внатрешна интеграција и нејзиното зајакнување, додаде Лурти. 

Според него, ЕУ се соочува со предизвикот како да стекне стратешка автономија, во услови кога се состои од 27 земји меѓу кои има разлики, особено за прашања во областа на надворешната политика.

– Оваа дихотомија е еден од големите предизвици со кои се соочува Европската Унија во моментов, смета Лурти. 

Тој како пример ја посочува безбедносната сфера, посочувајќи дека ЕУ нема сопствена армија, но развива одбранбена политика и сака да ги зголеми капацитети на својата одбранбена индустрија, бидејќи сфаќа дека „политичката автономија што би ја обезбедиле овие инструменти е незаменлива“. 

– ЕУ сфаќа дека мора да биде способна стратешки и автономно да носи одлуки на економско, технолошко, политичко и безбедносно ниво, додаде Лурти, кој е поранешен португалски државен секретар за европски прашања. 

Според него, од Ковид пандемијата и војната во Украина, ЕУ ја научила лекцијата дека не смее да биде прекумерно зависна во одредени критични области, како што се модерната технологија и суровините и затоа „мора да знае како да ја изгради својата автономија“. 

Во однос на начинот на носење одлуки во рамки во блокот, Лурти нагласи дека и покрај се поставеноста на Унијата овозможува поголема транспарентност во одлучувањето.  

– Карактеристично за демократиите е слободното изразување на мислењата. Често имаме моменти на видливо неединство, но на крајот завршуваме со единствена одлука, заклучи Лурти. 

Зачлени се на нашиот е-билтен