Пекинг ги прекина програмите за млади со Јапонија поради дипломатскиот спор што го предизвика коментарот на јапонската премиерка Санае Такаичи за Тајван, пишува хонгконшкиот весник South China Morning Post (SCMP).
Неименуван извор од кинеската дипломатија изјавил дека Токио официјално бил известен за укинувањето на програмите.
„Вообичаено, ноември и декември се месеци кога се одржуваат размените за млади, но сè е откажано“, навел изворот.
Зголемен притисок од Пекинг
Кина последните недели го зголеми дипломатскиот и економскиот притисок врз Јапонија, со цел премиерката Такаичи да ја повлече изјавата дадена на почетокот на месецот — дека Токио би можел да распореди војска во Тајванскиот теснец доколку дојде до конфликт.
Таа категорично одбила да ја повлече изјавата.
Како дел од притисокот, Пекинг претходно ги предупреди своите граѓани да избегнуваат патувања во Јапонија, а кинеските студенти ги повика да ги преиспитаат плановите за студии таму поради „безбедносни причини“.
Последици врз туризмот и студирањето
Јапонија е една од најпопуларните дестинации за кинеските студенти и туристи, па одлуката на Пекинг предизвика сериозна загриженост околу ширината на последиците од продлабочувањето на раздорите меѓу двете држави, пишува SCMP.

