Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Пендаровски: Државата мора да остане на евроинтегративниот пат без разлика кој ќе биде на власт по изборите во 2024

 Државата мора да остане на патот на европските интеграции без оглед на тоа која извршна власт ќе раководи по изборите во мај 2024-та и какви ќе бидат раздвижувањата по изборите за Европскиот Парламент и претседателските избори во САД, порача денеска шефот на државата Стево Пендаровски во годишното обраќање пред пратениците во Собранието.

Пендаровски, кој истакна дека му претставува особена чест по петти пат во законодавниот дом да ѝ се обрати на македонската јавност, сега за последен пат во овој мандат како претседател, говореше на повеќе теми, а акцент меѓу другото стави на евроинтегративниот процес на земјава, особено по последниот самит на ЕУ, на кој не беше донесена одлука за практичен почеток на преговорите, поради неусвоените уставни измени.   

Претседателот на државата нагласи дека евентуалното забавување, уште повеќе, како, што посочи, целосното запирање на европските интеграции нема да се одрази добро врз ниту една сфера од општественото живеење, почнувајќи од економијата, па, сѐ до меѓуетничките односи.

-Ентузијазмот меѓу граѓаните за членство во Унијата драматично опаѓа, се наоѓаме на критична точка и ова е последната шанса да ја сочуваме мнозинската поддршка за преговорите кои секогаш имаат неутрализирачки ефект наспроти структурите кои сакаат да ја поткопаат демократијата. Последните одлуки на Европскиот совет, за жал, го потврдија песимистичкото сценарио за Западниот Балкан, кое некои дипломатски кругови го најавуваа од почетокот на војната во Украина. Неспорно е дека ние не ја завршивме нашата домашна задача во однос на преземените обврски, но, тешко е да се пронајде логика и во последните одлуки на Брисел со кој практично беше целосно заобиколен регионот, што сигурно дополнително ќе придонесе за опаѓање на атрактивноста на проектот наречен „Обединета Европа“. Изјавата дека ќе биде геополитичка катастрофа ако Украина и Молдавија добијат приоритет во однос на Балканот не е моја, ниту на некој македонски политичар, туку на австрискиот министер за надворешни работи во која се содржани сите наши фрустрации и изневерена надеж, рече Пендаровски.

Во однос на уставните промени, шефот на државата нагласи дека идниот собраниски состав ќе мора да ја продолжи дебатата врз реални основи и со далеку почесен однос кон македонската јавност.

-Кристално јасно е дека Европската рамка не може да се промени на подобро, ниту билатералниот договор со Бугарија, независно кој е на власт во Брисел или во Софија, порача претседателот на државата.

Во тој контекст го спомена Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, на кој, како што рече, како член на македонската делегација, директно сведочел за пропуштената историска прилика, поради национално неединство и ситни партиски калкулации.

-Десет години потоа, прифативме многу полош предлог, а, севкупно, изгубивме 12 години надвор од Алијансата. Не верувам дека историјата се повторува во идентични циклуси, меѓутоа, постојат сличности со тоа време во домашниот политички амбиент, при што, како и тогаш, некои мислат дека Европа и светот ќе чекаат на нас. Се разбира, политички е сосема легитимно да бидете против европската преговарачка рамка, но, политички е доблесно, исто така, да признаете дека постои огромна разлика помеѓу она што Бугарите го бараа од нас на почетокот, и она што од сите тие барања остана на крајот во тој документ, истакна шефот на државата.

Тој изрази длабоко уверување дека ниту еден од денешната генерација политичари никогаш нема да преговара за идентитетските прашања, затоа што, како што посочи, „нашите црвени линии не ги утврдивме ние, нив одамна ги имаат утврдено оние кои ја формираа оваа држава во 1944-та година со државотворните акти на Првото заседание на АСНОМ“.

Пендаровски се осврна и на македонско-бугарските односи, нагласувајќи дека Софија направиле серија лоши потези, кои довеле до заладување на односите, но додаде дека во интерес на Северна Македонија е да има продуктивна соработка со сите соседи.

-Дали владите на Бугарија во последниве години, сосема непотребно, повлекоа серија лоши потези кон македонскиот народ – повлекоа, дали довербата на Македонците кон источниот сосед во голема мерка е разнишана и ќе требаат години, можеби и генерации таа да се обнови – и тоа е неспорно, но, сигурно не е во наш стратешки интерес да правиме непријател од Бугарија, затоа што, наш интерес е да имаме стабилно опкружување и продуктивна соработка со сите соседи, наместо бесполезно да ја трошиме енергијата со нив, расправајќи се за историја, нагласи Пендаровски.

Во своето обраќање пред пратениците претседателот на државата потенцира дека со одлагање на уставните промени ќе се пропушти уште една прилика која може, како што рече, да не чини најмалку уште една деценија надвор од интеграциите, а тоа ќе значи, помал економски прогрес, полош стандард за граѓаните и поголемо иселување. Во таа деценија, додаде претседателот, сигурно нема да ги вратиме младите од Канада, Австралија и Нов Зеланд, ниту од новите дестинации на „емигрантска Македонија“ – Емирати, Малта, Хрватска или Словенија.

Шефот на државата говореше и за негативните последици кои ги има поделеноста на македонското национално ткиво, нагласувајќи оти таа е плодна почна за странските пропаганди.

-Поделбите во македонското национално ткиво за ова прашање се контрапродуктивни за виталноста на нашата кауза. Во таа смисла, обновените странски пропаганди „одлично“ си ја вршат својата работа, практично без прекин, повеќе од еден век, така што нема потреба ние дополнително да копаме за да го продлабочиме јазот меѓу нас. Истовремено, крајно неодговорно е да си играме со чувствата на Македонецот и на темата страв од наводно губење на идентитетските атрибути да печалиме ситни политички поени. И ова сум го кажал многу пати досега, но, морам да го повторам: доколку обезличувањето на Македонецот е патот по кој треба да одиме за да стигнеме до Унијата, не познавам некој кој е подготвен да чекори по тој пат, истакна Пендаровски.

Шефот на државата рече и дека во јавниот простор, на социјалните мрежи последниве години се водат вистински војни за тоа кој е поголем патриот или предавник.

-Крајно време е да го редефинираме патриотизмот, кој во една модерна форма, индивидуално и колективно треба да се темели на интегритетот на личноста и лојалноста кон државата. Патриотизам е кога не ја злоупотребувате функцијата за лично богатење, кога квалификувани лица доаѓаат на чело на институциите. Патриотизам е кога оставате простор вашите политичките противници слободно да го кажат своето мислење, кога покажувате витешки однос кон оние со кои не се согласувате, патриоти се оние кои работат за подобри јавни услуги, подобро образование и здравство, патриотите не ја загадуваат животната средина, истакна Пендаровски во обраќањето пред пратениците. 

Зачлени се на нашиот е-билтен