По повод 5 Мај – Денот на македонскиот јазик, претседателот Стево Пендаровски ја упати следната порака:
„Денеска го чествуваме 5 Мај – Денот на македонскиот јазик, заштитникот на нашиот идентитет, сегашност и иднина, коренот на нашето битие, ден кога ја славиме нашата посебност. Денеска оддаваме почит на македонскиот јазик кој е чувар на нашата колективна меморија, вечниот паметник на нашето постоење и лингвистичка гордост.
Македонскиот јазик со долга усна и писмена традиција е семето на македонската држава и порив кој не води со чест и достоинство да го остваруваме и сочуваме нашето место во светот. Затоа, имаме обврска кон идните поколенија да го чуваме, развиваме и афирмираме македонскиот јазик како наш влог за иднината, да ги поддржуваме домашните и меѓународните научни истражувања за македонскиот јазик и неговите дијалекти, да ги негуваме особеностите на македонскиот јазик и правилно да го употребуваме за да го зачуваме за идните генерации.
Но, да не ги заборавиме и нашите предци и нивната борба за докажување на посебноста на македонскиот јазик. Се потсетуваме на сите, кои со своето дело, низ вековите се вградиле во писмениот македонски јазик. Меѓу нив е Крсте Петков Мисирков, кој ни укажуваше дека јазикот е нашето духовно благо. Со пиетет го споменуваме кодификаторот на македонскиот јазик, Блаже Конески, кој не учеше дека јазикот ни е нашата единствена неподелена татковина.
Во годината кога ја одбележуваме стогодишнината од раѓањето на македонскиот поет Ацо Шопов, еден од основоположниците на современата македонска книжевност, сакам да укажам на неопходноста да вложуваме повеќе во македонскиот јазик и литература бидејќи само така ќе бидеме достоинствен дел од европскиот културен и образовен простор.
Нека ни е за многу години Денот на македонскиот јазик!“
И Премиерот Димитар Ковачевски го честиташе 5 мај, денот на македонскиот јазик:
„Честит нека нѝ е Денот на македонскиот јазик 5 Мај! На овој ден кога го празнуваме македонскиот јазик, оддавам должна почит на сите создаватели на македонскиот литературен јазик.
Со гордост можам да кажам дека ја исполнуваме мисијата и визијата на нашите предци. Македонскиот јазик денес е дел од нашата лична карта во Обединетите нации, а со потпишувањето на Договорот со ФРОНТЕКС, тој е вграден во европското законодавство. Ќе продолжиме и понатаму да се грижиме за македонскиот јазик бидејќи „се додека го чуваме и негуваме јазикот наш македонски“, како што вели нашиот великан Блаже Конески, „ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината. Како куќа, како дом, како огниште“.