„ВМРО-ДПМНЕ беше и остана расадник на транзициони профитери, кои денес поддржуваат ветинг на политичарите само во последните 5 години затоа што мислат дека народот не памети како во времето на транзицијата некои од нив несразмерно го зголемија својот имот и станаа милионери. Нивниот кандидат за претседател ниту еднаш не се појави сам пред граѓаните да ги објасни своите ставови затоа што на митинзите наместо неа зборуваше претседателот на партијата, кој со тоа по повлекувањето на граѓанските потписи уште еднаш потврди дека предложиле лојален партиски послушник, а не граѓански кандидат за највисоката функција“, претседателот Стево Пендаровски на голем сенароден митинг на СДСМ, Коалицијата за европска иднина.
Тој додаде дека претседател на државата не може да биде некој што не прави разлика меѓу врховен командант на вооружените сили и началник на Генералштаб.
„Кандидат кој до пред некој ден ја немаше објавено својата изборна програма. Човек кој не сакаше да учествува на дебати со сите седум кандидати затоа што правеше селекција според лични критериуми, кој до нас е достоен да дебатира со неа. Најголема пародија е што за загрозени права и слободи на граѓаните и за хибриден режим ламентира кандидатката чиј сопруг остави стотици семејства без работа и приходи по пропаѓањето на имотите и фирмите кои ги купи со заработени пари од кршењето на санкциите. Или обвинувањата без ниту еден приложен доказ дека јас сум бил соучесник во корупција и криминал, а тие со кршењето на санкциите на ОН со сопругот станаа мултимилионери.“, заклучи Пендаровски.
„Со последните измени на кривичниот законик, обвинува пратеничката која заедно со своите колеги направи кворум при гласањето во парламентот и со кои измени на најмалку четири пати повеќе пратеници и функционери на партијата која ја предлага им беше намален рокот за застареност на делата отколку на сите партии заедно во владеачката коалција и поради сето тоа зад нејзината кандидатура стои никој друг туку првата политичка партија во нашата историја која беше предмет на истраги од СЈО поради незаконско финансирање и рекетирање на фирми кои добивале државни тендери поради што со години им беше блокирана жиро сметката. Најнова идеја промовирана во кампањата на ВМРО-ДПМНЕ им е предлогот за носење на целосно нов граѓански устав за кој опозиционата партија досега се нема произнесено зошто ни е потребен“, рече Пендаровски.
Тој додаде дека политичката гарнитура на власт и овој претседател од СДСМ никогаш не давале лажни надежи за брза реализација на стратешките цели на државата.
„И денес не велам дека Македонија за само неколку години ќе биде најразвиена држава во Европа, не верувам дека целиот тој процес ќе трае неколку месеци, но говорам и повторувам дека најголемиот ризик е ако на изборите им дадеме шанса на оние на кои претходно видовме како владеат со луѓето цели 11 години“, потенцираше Пендаровски.
Тој додаде дека по повеќе од 3 децении независност, македонските граѓани знаат да препознаат чија програма е реална.
„Ги знам нивните анкети, и реално ви кажувам дека победуваме на 8 мај“, заклучи Пендаровски.