Пентагон го истражува протекувањето на доверливи документи на социјалните мрежи за плановите на САД и НАТО за планирана контраофанзива на украинската армија, пренесува Њујорк Тајмс повикувајќи се на претставници на администрацијата на Џо Бајден.
Фотографиите со шеми за очекуваното снабдување со оружје, бројот на војници и други планови неодамна беа објавени на проруски Твитер и Телеграм канали.
Наводно, САД се обидувале да ги отстранат овие документи, но до четвртокот вечерта обидот бил неуспешен.
„Свесни сме за извештаите за објавите на социјалните мрежи, а одделот го разгледува ова прашање“, изјави портпаролката на Пентагон, Сабрина Синг.
Документите не содржат конкретни борбени планови, како на пример, како, кога и каде Украина ќе започне офанзива, туку само ги прикажуваат потребите на украинските вооружени сили од 1 март.
Во документите се споменува колку муниција му е потребна на ХИМАРС.
Не е јасно како документите се појавија на социјалните мрежи. Документите објавени од руски извори можеби се делумно променети за да се прикријат реалната состојба со загубите на руските војници и да се преувеличат загубите на украинските вооружени сили.
Документ класифициран „строго доверливо“ содржи информации за ситуацијата од 1 март. Друг документ дава список на украински воени единици, опрема и обука закажани за периодот јануари-април.
Во документот се забележува дека доцнењето во испораката на воена опрема нема да влијае на обуката и подготвеноста за извршување на задачите навреме.
Подготви: Д. Мишев (ЦивилМедиа)