Затворените брифинзи во американскиот Конгрес ја отворија најчувствителната точка во аргументацијата за воените операции против Иран, откако претставници на администрацијата признале дека немало разузнавачки информации според кои Техеран подготвувал прв напад врз американските сили. Токму оваа теза претходно беше дел од јавната реторика за оправдување на нападите.
Според информациите што ги пренесува Reuters, брифинзите со персонал на демократите и републиканците во комитетите за национална безбедност траеле повеќе од 90 минути, а на нив било нагласено дека иранските балистички ракети и регионалните сојузнички милиции претставуваат закана за американските интереси, но без конкретен доказ за непосреден прв удар врз американски сили.
Ова признание директно ја поткопува една од клучните формулации што беа пласирани во јавноста ден претходно, кога високи функционери зборуваа за можност Иран „превентивно“ да нападне американски сили на Блискиот Исток. Во исто време, администрацијата продолжува да тврди дека целите на операцијата се поврзани со иранската нуклеарна програма, ракетните капацитети и заканите кон САД и сојузниците.
Во Конгресот, реакциите веќе се движат кон прашањата за правната и политичката основа на операциите. Демократски претставници ја отвораат дилемата дали станува збор за „војна по избор“, додека се бара појасна стратегија за тоа што следува понатаму и каква е излезната рамка за конфликтот.
Темата добива дополнителна тежина и поради тоа што истовремено се пријавени и првите американски жртви, а воените активности продолжуваат. Така, спорот за разузнавачката основа не останува само политичка расправија, туку станува централно прашање за легитимитетот, обемот и траењето на кампањата.