Пензиите за декември ќе се исплатат на 2 јануари, дел од банките ќе почнат и порано

Фондот на пензиското и инвалидското осигурување (ПИОМ) информира дека се целосно обезбедени средствата за исплата на пензиите за месец декември 2025 година, а поради тоа што 1 јануари е државен празник и неработен ден, исплатата официјално ќе започне на 2 јануари 2026 година, при што дел од деловните банки ќе ги исплатат пензиите и пред овој датум.

Од Фондот на ПИОМ соопштуваат дека за исплата на пензиите се обезбедени средства во вкупен износ од 9.289.521.686 денари, односно околу 150 милиони евра, за вкупно 340.156 корисници на пензија.

„Известувањата со прецизните податоци за бројот на пензионери и соодветните износи Фондот на ПИОМ веќе ги достави до сите деловни банки, со што се гарантира дека процесот на исплатата ќе се одвива ефикасно и без доцнење“, се наведува во соопштението.

Од ПИОМ појаснуваат дека средствата ќе бидат префрлени до деловните банки на 2 јануари 2026 година, но дел од банките, согласно своите интерни процедури, ќе започнат со исплата и пред овој датум, со цел пензионерите навремено да располагаат со своите примања за празниците.

Фондот на ПИОМ им ги честита претстојните Новогодишни и Божиќни празници на сите пензионери и граѓани, посакувајќи им здравје и мирни празнични денови.

Зачлени се на нашиот е-билтен