Зоран БОЈАРОВСКИ
Владиката Петар го злоупотреби најсветиот христијански празник и одржа политички, наместо пастирски, црковно-духовен говор.
И, итар е Петар. Не спомена ниту една политичка партија, ама во својата желба да биде пропагандист го издадоа неколку реченици или делови од реченици, кои се надоврзуваат на неговиот претходен политички активизам.
Вели „… да не се случи втората измама да биде полоша од првата, т.е. слепец слепи да води“. Се знае, нели, кој претседателски кандидат претендира за втор мандат.
Петар не отстапува да го дели народот „особено на оние од православната вера“ и на народ кој ти бил „царско свештенство и избран народ“, без да биде свесен за тоа што птредизвикувале и како како завршувале низ историјата народите кои себе си се сметале за супериорни и над другите.
Еве ги точните зборови на Петар од Велигденското послание:
„Граѓаните, пак, особено оние од Православна вера, секогаш да имаат при ум дека се царско свештенство и избран народ, и затоа должни се да гласаат и изберат претставници и водачи кои што се одликуваат со морални вредности и ги исполниле или ќе ги исполнат ветувањата, за да не се случи втората измама да биде полоша од првата, т.е. слепец слепи да води. Во спротивно, гласачите виновни ќе бидат пред својата совест, која е гласот Божји во човекот“.
И навистина Петар не спомена ниту име ниту партија, но македонската јавност добро знае и памети негови претходни јавни пораки кои по павило во поддршка на ВМРО-ДПМНЕ.
На 15 мај 2017 година, само три недели после крвавиот обид за државен удар во Собранието, Петар застана во одбрана на насилниците и за виновни ја прогласи тогашната опозиција.
„Мислам дека поголема вина, ако не поголема барем иста вина имаат оние што ги предизвикале луѓето да влезат во Парламентот и да го направат тоа. А, тука, предизвикувачите се оние што извршија насилство врз државните закони, врз Уставот на Македонија, Деловникот за работа на Собранието, итн … И вие штом вршите насилство врз институциите на државата очекувајте дека ќе има возврат на тоа… Значи, тие ги поттикнаа на тоа, ако не ги поттикнеа тие на тоа, немаше овие тоа да го направат. Оти. знаете како кај нас се прави, ќе ги насочите луѓето, ќе ги предизвикате да направат зло, вие не сте виновникот, а виновници се оние што од желба за да си го заштитат достоинството на својата татковина, за унитарната држава, за симболите на својата татковина, за редот и поредокот…“, рече тогаш Петар.
Се сеќаваме и на неговио став дека Црквата не ја нарушува секуларноста ако свештенството ги искаже своите политички ставови. Не велиме дека тоа не е во ред, но секако не е во ред зад самоопрвадувањето дека свештенството може да ги искаже своите политички ставови, да гледаме активно и отворено застапување за само една политичка опција, односно партија, во овој случај – ВМРО-ДПМНЕ.
Три недели, пак пред 27 април 2017 година, Петар панихидата за смртта на војводата Методија Патче, во време на политички превирања кога се формираше Владата во 2017 година, ја запеа песната Послушајте Патриоти, а го гледавме и на протестите на опозицијата.
Неговите ставови беа идентични со ВМРО-ДПМНЕ, и тоа го искажа и во велигденското послание пред две години, кога жестоко го нападна феминизмот и рече дека родовата еднаквост е изопачена. И тогаш предизвика револт.
Приказната за МПЦ-ОА, Петар и рускиот змеј
Петар, заедно со архиепископот Стефан и митрополитот Тимотеј, беше тројката која организираше црковен суд против новинарот Марјан Николовски.
Во интервју за Вистиномер.мк, Марјан Николовски ја соопштува главната причина з овој црковен прогон против него.
„Главната причина беше тоа што јас изминативе две години редовно укажувам на сериозното руско влијание што во Македонија се шири преку црквата, конкретно преку тројца Архиереи. Токму истите оние кои се обидоа институционално преку црквата, а сега преку јавен линч да се пресметаат со мене“, посочи за Вистиномер.мк Николовски.
Николовски укажува дека неговото новинарско истражување за заснова на претходни изјави за руското влијание во МПЦ-ОА, како она на професорот по безбнедност Марјан Ѓуровски и на претседателот Пендаровски, а за што бил информиран и архиепископот Стефан.
„Јас не тврдам дека во Синодот на МПЦ има руски шпиони или дека некој од владиците е шпион. Има руски влијанија, неспорно. Има луѓе, ги знаете и јавно. Еден од нив формираше телевизија на која ја шири таа вистина, кои ги преземаат комплетно рускиот наратив кон Украина, каде што Русија, неспорно, е држава која изврши инвазија. Нападна друга суверена држава, членка на Обединети Нации. Да не ги именувам ги знаете, тоа се најмалку тројца владици во Синодот, меѓутоа ние до овој момент немаме докази дека тоа се шпиони на руската федерална служба за разузнавање“, рече Стево Пендаровски, претседател на Северна Македонија и кандидат за претседател на Изборите 2024во интервју на ТВ Телма.
Пендаровски потсети дека во изминатите неколку години, Македонија протера 18 руски дипломати, т.н. дипломати кои беа руски шпиони и дека тоа било направено во содејство со службите од кои најмалку една е под директна ингеренција на претседателот.
Ништо чудно политичката беседа на Петар за Велигден да била поттикната од ова укажување на претседателскиот кандидат Пендаровски.
Да потсетиме дека на на 15 септември минатата година (2023) Васијан Змеев, шефот на подворјето на Руската црква во Софија доби забрана за влез во Македонија. Набргу потоа истиот свештеник беше протеран и од Бугарија, а само неколку месеци пред тоа рускиот архимандрит Змеев сослушуваше на литургија во Соборниот храм. Со литургијата чиноначалствуваше митрополитот тетовско гостиварски Јосиф. Меѓу верниците беше и амбасадорот на Русија во земјава, Сергеј Бездникин, а архиепископот Стефан ја следеше богослужбата од тронот, со молитвено учество во литургијата.
Ниту тогаш, ниту по протерувањето на Змеев МПЦ-ОА не соопшти кој беше поводот тоа сослужување, на кое пак во јануари, за време на Божиќните празници му претходеше посетата на рускиот митрполит Антониј задолжен за меѓународни односи на Руската Православна црква.
После овие настани преовлада оценката дека однесувањето на руските свештени лица, но и на дел од свештениците на МПЦ-ОА, ги надмина далеку нивните дозволени активности.
Познавачите на овие прилики во Македонија толкуваат дека Москва, односно режимот на Путин, ја има избрано МПЦ-ОА за влијание преку неколкумина епископи во Синодот, откако сфати дека руското влијание преку политиката, економијата или медиумите не ги дава брзо очекуваните резултати.