Ако ги резимираме изјавите на нашите претставници на состанокот вчера во Брисел, можеме да констатираме дека ги добивме познатите пораки кои ги знаевме и од дома.
Иако пред посетата на Брисел министерот за надворешни работи и надворешна трговија го најави „францускиот предлог плус“, односно усвојување на уставните измени со одложено дејство, во изјавата на Тимчо Муцински само кратко се наведува дека „со претставниците на ЕУ се дискутирало и за дел од овие прашања и дека дијалогот продолжува“.
Премиерот Мицкоски порача од Брисел дека процесот на интегрирање во рамките на Европската Унија треба да се темели на постигнувања, а не на билатерализација, и нагласи дека на средбите уште еднаш потенцирал „дека ние не можеме повеќе да прифаќаме ултиматуми и за нас принципот тие се таму, вие сте надвор не е прифатлив“ и дека „остануваме фокусирани да предлагаме решенија, и ако навистина има желба, тогаш има и начин“.
Министерот за европски прашања Орхан Муртезани од Брисел рече дека сега бил одличен момент брзо да чекориме кон полноправно членство во ЕУ.
За разлика од делегацијата на Северна Македонија, останатите шефови на држави и влади од Западен Балкан соопштија конкретни резултати од состанокот во Брисел.
Вучиќ од ручекот со фон дер Лајен излезе пред новинатрите и камерите со информација дека Србија во јануари ќе биде дел од СЕПА, Европскиот единствен платежен систем, дека се разговарало за поголеми бенефити од зелените коридори и за реформскиот процес за кој земјата ќе добие една милијарда и 500 милиони евра на крајот на октомври или почетокот на ноември.
„Разговаравме за плановите на новата Европска комисија, чиј мандат истекува за пет години. Не сакам да зборувам за кажаното, што е важно за нас, верувам дека ќе успееме да скокнеме во тој воз. Разговаравме и за зелените коридори. Ова е од исклучителна важност, би овозможило поголем профит и повисоки плати. Разговаравме стратешки за европскиот пат. Претседателот на ЕК наскоро ќе ги посети регионот и Белград“, изјави претседателот на Србија Александар Вучиќ после работниот ручек со Урсула фон дер Лајен во Брисел на состанокот со лидерите од Западен Балкан.
Црна Гора отиде и чекор повеќе и за посетата на Брисел информираше не само за средбата со Урсула Фон дер Лајен, туку и за поентите од средбите со останатите функционери во Брисел генералниот директор на Директоратот за соседство и преговори за проширување, Херт Јан Копман.
Од Подгорица информираа дека заложбата на Црна Гора за интеграција во ЕУ го трансформира целиот процес на проширување и дека земјата останува на позитивната динамика на работа за да се остварат големите очекувања што Европската комисија ги има од Црна Гора.
„Долго време никој не ги затвори поглавјата, па тоа би можело да биде следната голема вест за Црна Гора и за целиот процес на проширување. Важно е да се продолжи со посветена работа, за да се затворат четири поглавја до крајот на годината и да се продолжи со голем напредок. Планот за раст е навистина голема шанса граѓаните на Црна Гора да почувствуваат конкретни придобивки од спроведувањето на реформите“, изјавил генералниот директор Копман.
Премиерот Еди Рама од средбата на социјалните мрежи порача дека средбата во Брисел е нов почеток на Албанија кон ЕУ во 2030.
Истиот ден, претседателот на Владата на Албанија, информираше и за неговите дополнителни активности во Брисел и на заедничка прес-конференција со претседателот на Европскиот економско-социјален комитет, Оливер Ропке го најави формирањето на Заедничкиот консултативен комитет за зајакнување на соработката со ЕУ.
Косовскиот премиер Албин Курти во Брисел побарал од ЕУ да го разгледа барањето на Косово за членство, соопшти неговиот кабинет.
За време на работниот ручек организиран од претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен за лидерите од Западен Балкан, Курти рече дека проширувањето на ЕУ „е најдобриот одговор за сите оние кои го загрозуваат мирот и единството на Европа, особено по руската воена агресија во Украина“.
Во тој контекст Курти повика на разгледување на барањето на Приштина и доделување на Косово статус на кандидат за членство во ЕУ.
Тој, исто така, побара укинување на рестриктивните мерки што ЕУ ги наметна на Приштина минатата година, поради непреземање чекори за деескалација на ситуацијата на северот на Косово, оценувајќи ги како „неправедни“.
И од Босна и Херцеговина имаше повеќе информации за средбата во Брисел.
Претседавачката на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто ја информирала Европската комисија и испратила документ за усогласеноста на земјата со Планот за раст.
– Ја информирав Европската комисија за степенот на усогласеност на Реформската агенда со акцент на контроверзниот дел кој веќе и е надалеку познат на јавноста. Работниот тим продолжува со својата работа и координација со секојдневни консултации со Европската комисија. Исто така, сакам да напоменам дека со овој чекор им се приклучуваме на земјите од регионот и дека допрва треба да дојде конечното усвојување на Листата на реформи и Реформската агенда по потпишувањето на Договорот за инструмент и Договорот за заем, согласно со процедурата предвидена со важечките закони во БиХ. Босна и Херцеговина мора да ја продолжи динамиката на процесот на интеграција, а тој суштински дел од изнаоѓање решение останува наша одговорност и обврска, рече Кришто.
З. Бојаровски