Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Петар Денчев со книгата „Малиот бог на земјотресот“ на македонска турнеја

Бугарскиот писател Петар Денчев деновиве ќе гостува во три македонски града за да го претстави преводот на своето дело „Малиот бог на земјотресот“ на македонски јазик. Турнејата ќе почне на 28 мај (вторник) од 19.30 ч. во Europe House Струмица, каде што Далибор Плечиќ ќе го модерира настанот со овој значаен автор од најновата генерација.

Следниот ден, 29 мај (среда), Денчев ќе гостува во Скопје во книжарницата „Антолог“ – Центар од 19 часот. Настанот ќе го модерира Пепи Стамков, а освен авторот, ќе се обрати и преведувачот Душко Крстевски. На 30 и 31 мај Петар Денчев ќе биде гостин и на Меѓународниот фестивал на прозата во Кумново, во организација на НУЦК Трајко Прокопиев Куманово.

Настаните се реализирани со поддршка на Културно-информативниот центар на Република Бугарија во Скопје, а книгата на македонски јазик е објавена во рамките на проектот Создадено во Европа: моќта на различноста кофинансирано од програмата Циркулација на европски книжевни дела на Креативна Европа на Европската Унија – Потпрограма „Култура“.

„Малиот бог на земјотресот“ започнува како и многу други: со разделба. Една жена го напушта својот маж без некоја посебна причина. Го прави тоа старомодно, со белешка напишана на рака. Тој не изгледа изненаден, дури на почетокот воздивнува со олеснување дека не ѝ се случило ништо лошо. Така навлегуваме во светот на еден нереализиран филозоф кој е сопственик на цвеќарница. Во обид да ја открие мистеријата на исчезнувањето на неговата сопруга, презема трауматично патување во минатото – во својот гардеробер, среде руините на татковата куќа, по софиските улици, на брегот на Дунав, среде чаршијата во Скопје. „Малиот Бог на земјотресот“ претставува прекрасна приказна која проникнува во скриените односи на животот.

Петар Денчев (1986) е бугарски писател и театарски режисер. Дипломирал театарска режија и поставил претстави во најголемите театри во Бугарија. Книжевното деби го прави со раскази и поезија кои веднаш се наградени или номинирани на разни конкурси. Автор е на книги поезија, раскази и романи. Има објавувано во речиси сите бугарски весници и списанија како и во американското „The Litter Box Magazine“ и на хрватскиот сајт „Критична маса“. Преведен е на неколку јазици.

Преведувачот Душко Крстевски (1981 година, Скопје) во 2013 година ја објавува поетската збирка „Алхемија на 21 век“. Застапуван е во неколку антологии на македонската млада поезија и учествува на неколку поетски фестивали. Работи како професор по македонски јазик и литература во Меѓународните училишта НОВА во Скопје. Од бугарски јазик ги има преведено делата на: Кристин Димитрова, Здравка Евтимова, Георги Господинов, Васил Георгиев, Алек Попов, Александар Секулов, Захари Карабашлиев, Виктор Пасков, Калин Терзијски, Добромир Бајчев, Петар Денчев и многу други.

Треба да знаете
Moже да ве интересира