Трагедија го погоди северот на Италија – пет германски планинари го загубија животот во лавина на планината Ортлер, највисокиот врв во Јужен Тирол (3.905 метри), соопштија италијанските спасувачки служби.
Телата на три жртви биле пронајдени вчера, додека уште двајцата исчезнати планинари биле пронајдени денеска. Двајца мажи ја преживеале несреќата и со хеликоптер биле пренесени во болницата во Болцано.
Според првичните информации, групата се состоела од три независни тимови кои се движеле по истиот планински предел кога лавината ги погодила околу 16 часот.
Јужен Тирол е една од најпопуларните дестинации за германски планинари, но и регион со висока фреквенција на лавини. Во последната деценија таму се регистрирани меѓу најголемиот број смртни случаи поврзани со планински несреќи во Италија.

