Најмалку пет лица го загубија животот, а повеќе од еден милион корисници останаа без електрична енергија, откако силната бура „Кристин“ ја погоди Португалија, соопшти португалската служба за цивилна заштита.
Од полноќ до утринските часови се евидентирани повеќе од 3.000 интервенции, а најпогодени се регионите Леирија, Коимбра, Лисабон, Сетубал и западниот дел на земјата.
Урагански ветрови и прекинат сообраќај
Според Португалскиот институт за метеорологија (IPMA), налетите на ветерот во централниот дел на земјата достигнале и до 150 километри на час. Поради паднати дрвја и други пречки, сообраќајот бил сериозно отежнат, а дел од железничките линии – вклучително и релацијата Порто–Лисабон – биле привремено во прекин.
Повеќе општини донесоа одлука за затворање на училиштата, додека метеоролозите ја опишаа бурата како редок и исклучително опасен феномен, познат како „метеоролошка бомба“.
Над милион луѓе без струја
Португалскиот оператор на електродистрибутивната мрежа E-Redes соопшти дека нивните екипи работат на терен со цел да се воспостави снабдувањето со електрична енергија за околу половина милион корисници, додека вкупниот број засегнати домаќинства надминува еден милион.
Откако ја погоди Португалија, бурата „Кристин“ се придвижи кон Шпанија. Во приморскиот град Торемолинос, силен ветер урнал палма врз жена, која подоцна им подлегнала на повредите.
Шпанската метеоролошка агенција AEMET издаде црвен метео аларм за делови од јужната покраина Алмерија, предупредувајќи на ветрови со сила на ураган. Локалните власти затворија паркови и ги суспендираа сите активности на отворено, вклучително и наставата.