Петминутен аплауз за „Диџеј Ахмет“ – моментот што го одбележа 46 издание на „Браќа Манаки“

Вчера заврши 46. издание на ИФФК „Браќа Манаки“ и по којзнае кој пат се почувствува неверојатна енергија меѓу филмофилите, филмските работници и сите што го сакаат големото платно. Беа доделени награди во повеќе категории, а дел од добитниците толку емотивно ја примија веста што едвај можеа да се обратат кон публиката.

Таков беше случајот со кинематограферката Олимпија Митилинају, која за филмот „Тивок живот“ ја прими наградата со солзи во очите. Апсолутниот победник, Воли Фистер, пак, беше посмирен и со насмевка изјави:
„Ние доаѓаме како вонземјани, доаѓаме од Холивуд и го најдовме овој мал град Битола за кој не знаев досега.“

Македонскиот Ханс Цимер – Кирил Џајковски, доби Златна ѕвезда за животно достигнување. Во своето обраќање истакна дека му е огромна чест што соработувал со македонски филмаџии од светски размери.

Но, вистинските ѕвезди на ова издание беа тимот на „Диџеј Ахмет“. Ариф, Ивана и малиот Агуш ја освоија салата со својата младост и скромност, предизвикувајќи ролеркостер од емоции и петминутен аплауз. За мене, тие се апсолутните победници. Уметноста е токму тоа – да те разниша, да ти го разбранува внатрешниот свет и да не можеш веднаш да се соземеш.

„Диџеј Ахмет“ е приказна за млад бунтовник кој со музика и искреност се бори за љубовта, испраќајќи силна порака до младите. „Аја вистина правиш лоша баклава,“ беше реплика од филмот која предизвика урнебесно смеење потврдувајќи дека искреноста е секогаш вистинскиот избор.

Иако со одредени пропусти, Манаки и оваа година покажа дека има своја магија – фестивал на кој не живееш вообичаен живот, туку денови исполнети со филмови, нови видици и многу луѓе кои имаат што да кажат. Честитки за селекторот Слаѓан Пенев за внимателниот избор и за Ана Василева која, како и секогаш, ѝ додаде посебен шмек на атмосферата.

Зачлени се на нашиот е-билтен