Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Петровска повика да се откажат изборите за претседател на СДСМ поради злоупотреба на лични податоци од страна на еден од кандидатите

Кандидатката за претседателка на СДСМ, Славјанка Петровска, денеска ги повика останатите тројца кандидати да се откаже внатрепартиското гласање за избор на претседател на партијата кое треба да се одржи во недела.

Петровска во изјава за медиумите рече дека изборниот процес бил нефер, односно еден од противкандидатите имал пристап до базата на податоци и ги злоупотребувал личните податоци на членовите на партијата. Како причина за откажувањето на изборите, Петровска го посочува и тоа дека во определени општински организации се појавиле одреден број на гласачи, кои не побарале да бидат регистрирани, односно, како што рече таа, некој користејќи ги алатките, во нивно име ги регистрирал.

– Во определени општински организации се појавуваат одреден број гласачи кои не се дел, односно се само дел од членството на СДСМ, меѓутоа не ја направиле регистрацијата сами и не побарале тие да бидат регистрирани, значи некој друг користејќи ги алатките во нивно име ги регистрирал. Имав забелешка и за она што пред десетина дена се случи, но за тоа се уште немам одговор, тоа е злоупотребата на личните податоци од страна на еден од кандидатите, кога беа испраќани илјадници пораки користејќи ги тие податоци. Партијата започнала со некој процес на внатрешна истрага како е тоа стигнато, кандидатот дал одговор што за мене не е релевантен. Таков сериозен скандал не смее да биде премолчен, бидејќи тоа влијае кога имате пристап до базата на податоци на сите членови, а тоа го има само еден кандидат, тоа може да влијае сериозно и на процесот и на резултатот, рече Петровска.

Рече дека ќе се најде на избирачкото ливче во недела, бидејќи избирачките материјали се веќе отпечатени, но истакна дека таа лично нема да излезе да гласа.

– Јас ќе се најдам на избирачкото ливче бидејќи се веќе отпечатени материјалите, меѓутоа јас лично нема да излезам да гласам и се разбира мислам дека тоа треба да го направат и останатите, рече Петровска. 

Претседателката на Централната изборна комисија за избор на претседател на СДСМ, Викторија Аврамовска-Мадиќ, рече дека изборите во недела ќе се одржат, додека во врска со забелешките на Петровска рече дека тоа е нејзино право.

– ЦИК работеше напорно за да може да спроведе транспарентен и демократски процес. По продолжување на рокот по барање на општинските организации, на 23-ти вечерта го затвори, потоа добивме приговори од одредени општински организации, дел беа прифатени, дел не. Сега можеме да соопштиме дека избирачкиот список којшто ќе се најде на избирачките места којшто ќе се најде во недела ќе брои 23.373 акредитирани членови на СДСМ и ќе можат да го остварат правото на гласање на 77 избирачки места, изјави Мадиќ.

Додаде дека само кандидатката Петровска не доставила предлог-контролори за избирачките места. 

– Останатите тројца доставија предлог контролори за избирачките места кои што ќе ја следат работата во недела, освен кандидатката Славјанка Петровска која не достави предлог-контролори, рече Мадиќ.

Покрај Петровска, кандидати за лидер на партијата се и поранешниот министер за здравство Венко Филипче, директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски и поранешниот заменик министер во МИОА, Александар Бајдевски. 

Треба да знаете
Moже да ве интересира