Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Петровска – Резников: Украина ја има нашата поддршка за одбрана на својата сувереност и независност

Изразуваме почит и поддршка кон украинскиот народ, за храброста, истрајноста и решителноста да ја одбрани сопствената територија, изјави министерката за одбрана Славјанка Петровска на денешната прес-конференција по средбата со нејзиниот украински колега Олексеј Резников во Киев.

– Ваков чин на брутална агресија и терор врз цивилно население, деца, жени, стари лица се незамисливи за која било цивилизација во 21-от век. Затоа од самиот почеток, Владата на Република Северна Македонија ја осуди руската агресија врз Украина, која е неоправдана и со ништо не е испровоцирана. Без двоумење застанавме на страната на правдата и човечкото достоинство, на страната на вистината, рече Петровска.

Таа упати порака до украинското лидерство и украинскиот народ дека Северна Македонија силно ја осудува руската агресија врз Украина и даде полна поддршка за нејзиниот суверенитет и правото на самоодбрана.

– Ние бевме јасни и гласни од самиот почеток на агресијата, пред речиси точно една година, кога рековме „не“ на крвопролевањето, „не“ на уништувањето во 21 век. Мирот мора да биде вратен веднаш, потенцира Петровска.

Таа се осврна и на досега укажаната хуманитарна и воена помош која државава и ја дава на Украина, зашто, како што рече, цврсто веруваме во правото на секоја земја за самоодбрана и почитувањето на правилата и принципите на кои се основа меѓународната заедница.

Резников, од своја страна, изрази силна благодарност за сета поддршка од земјава и порача дека тоа украинскиот народ нема да го заборави. Нарекувајќи ја Петровска „храбра министерка која во знак на пријателство допатувала во храбра земја“, Резников потенцираше дека Украина е решена да го врати мирот.

Министерката Петровска за време на посетата на Киев положи венец свежо цвеќе на Ѕидот-паметник на паднатите за Украина, а имаше можност во градот Ирпин, местото каде украинските сили го запреа напредокот на руските сили кон главниот град на Украина, да биде сведок и на урнатините предизвикани од бесправната и неиспровоцираната агресија на Русија врз самостојна и независна Украина. 

Фото: Министерство за одбрана

Најново