Петровска: Заминувањето на Таравари го покажува дефектот во владината коалиција

Пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска, смета дека излегувањето на една од партиите од владината коалиција всушност го покажува дефектот во начинот на функционирање на оваа влада и укажува дека не може да ги исполни ветувањата пред граѓаните.

„За нешто помалку од една година од нејзиното формирање гледаме дека во суштина немало ниту дијалог, ниту почитување на коалиционите партнери, ниту исполнување на ветувањата. Наводите на Таравари за неговото незадоволство поради тоа што не се испорачани ветувања пред граѓаните потврдува дека очигледно, оваа влада, со ова раководство и институциите во кои работи, нема капацитет ни сопствените ветувања да си ги исполни. Не ме изненадува што немаат ниту лидерски коалиционен капацитет, па макар годишнина да прославеа.“, рече Петровска по излегувањето на Алијансата за Албанците од владината коалиција.

Таа додаде дека она што нè загрижува нас како партија но и граѓаните е тоа што оваа Влада ги враќа процесите назад а нема никакво поместување ниту во процесот на европска интеграција на државата.

„Процесот на европска интеграција не е ниту во втор план ставен, туку е многу подолу на агендата на оваа влада. Во суштина, освен една-две добро срочени изјави, не гледаме никакво вистинско поместување на тој план. Од друга страна, како што гледаме, земјите — особено Албанија — веќе забрзано се стремат кон приклучување кон Европската Унија, и извесно е дека ќе го фатат оној бран на проширување во 2030 година. Имаше големи ветувања пред изборите, особено од лидерот на владината коалиција, Мицкоски, дека имаат план, ама еве, по една година, не видовме ништо од тој план. И најверојатно тој ‘план’ им беше дека ќе подзаборавиме на изборните ветувања“, рече Петровска.

Зачлени се на нашиот е-билтен