Пилинг креми од отпад од кафе, полнети играчки со сено и мед со лековити билки – овие иновативни зелени бизниси се победничките идеи на натпреварот „Зелени идеи 2025“, кој го организираше АРНО. Жири комисијата во категоријата ембрионски идеи ги избра „Мирис на сено во сечиј дом“ на здружението „Ума Сто“ и „Природна пилинг крема од отпадоци на кафе“ на тимот EcoScrub. Победничка идеја во категоријата зелени бизниси е „Медена долина – живееме со природата“на здружението „Медена Долина“. На финалето презентираа 10 идеи од вкупно 39 пристигнати апликации. Натпреварот во 2025 година се одликува со поголем број ембрионски концепти и со доминација на идеи од руралните средини.
„Нашите полнети играчки би претставувале сувенир за здружението, а воедно и маскота, со оглед на тоа што селото Умин Дол било познато по гуски. Во изработката на играчките ќе бидат вклучени жените од селото. Играчките ќе бидат полнети со сено и додаток на ароматични билки. Полнењето е биоразградливо и може да се замени по одредено време.“, изјави Роза Трајковиќ од здружението „Ума Сто“.

„Медена Долина“ произведува мед и мед со еко-лековити билки во мали, практични пакувања. Важно е да се нагласи дека запуштените ниви во Белица и регионот се обработуваат и претвораат во медоносни површини, без да се уништи природното наследство“, изјави Мена од Здружението за развој на пчеларството, заштита и опстанок на пчелите и екосистемот „Медена Долина“, с. Белица.
„ECoScrub е зелена идеја што го претвора отпадот од кафе во природни пилинг креми за тело – производ што ја негува кожата и ја штити планетата. Наместо да завршува на депонии, кафето станува суровина со додадена вредност. Нашиот слоган ја пренесува мисијата: „Love yourself, love your planet as much as you love your coffee.“ Успешно екстрахиравме масла од отпадоци од кафе и покажавме дека од отпад може да произлезе вистинска вредност,“ вели Зимере Саити Муслији член на тимот од тројца доктори на науки зад идејата.

Жирито што ги оценуваше апликациите беше составено од Робертина Брајаноска од Македонско еколошко друштво (МЕД), Бесиана Мустафа од Стопанска комора на Северо-Западна Македонија, Тодор Стојчевски од МКА2000, Добринка Стефанова Ѓоргиева од ПроКредит Банка и Бојана Киселовски од „Македонија 2025“. За националните победници партнерите обезбедија поддршка: бесплатна регистрација на платформата Connect2MK, двегодишно членство во Стопанска комора на Северо-западна Македонија и ваучери за консултантски услуги од МКА2000. Во 2025 година, на трите национални победници АРНО им додели и ваучер за полугодишно користење на платена верзија на ChatGPT Plus.

„Годинава изненади одзивот на граѓаните кои имаат само идеја, а не почнат бизнис. Сепак, загрижува фактот што се намалуваат програмите за поддршка на зелено социјално претприемништво. АРНО во следните три години ќе работи на формирање локален фонд за импакт претприемништво. Ќе мора да смислиме како со локална поддршка да обезбедиме континуитет во финансирање на импакт бизнисите – нов термин кој ги обединува зелените и социјалните бизниси. Учиме за ова од европските партнери Impact Europe од проектот Impact4Change“, изјави Ирина Јаневска од АРНО.
„Зелени идеи“ е годишен натпревар кој поддржува развој на мали, локални и одржливи бизнис идеи во Македонија, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Грција. Секоја година по тројца претставници од секоја земја учествуваат на регионалниот натпревар, а четворица победници добиваат поддршка од 5.000 или 10.000 долари за реализација на нивните идеи.
Здружението за социјални иновации „АРНО“, 11-та година по ред, го администрира националниот натпревар „Зелени идеи“ и се гордее што досега земјата има регионални победници и вкупна инвестиција од 100 000 долари за развој на зелени бизниси во земјата: Првата кооператива на органски потрошувачи „Наша добра земја“ (2015 год.), инцијативата за репарирање на стар мебел која прерасна во мал бизнис воден од архитектката Марта Мојсова – „СПИН“ (2016 год.), платформата за продажба на евтини оброци „Храна за сите“ (2017 година), едукација преку илузионистички еко-пораки „Грин меџик продакшн“ (2017 год), „ Био смарт ориз“ производство на ориз на одржлив начин (2019), „Challenger“ мобилна апликација која ги наградува граѓаните за сите зелени километри поминати со пешачење (2019) ,„Вајс адитив“ која произведува прехранбен адитив со преработка на комиње (2020) , „О-круг“ (2021) циркуларен стартап кој од лушпи од портокал произведува еколошки есенцијални масла и освежувачи, „Инсект пилот соба“ (2022 год.) производство нa протеинска храна за миленици од инсекти, Мирјана Јосифоска која произведува дизајнерски шапки до текстилни остатоци (2023) и Трајче Рушев- иноватор на пренослив шпорет(2025)