В четврток (14 септември) со почеток во 19 часот, Српскиот културно-информативен центар во Македонија СПОНА организира промоција на романот на Ѓорѓе Матиќ „Од никаде со љубов“. Промоцијата ќе се одржи во конференциската сала на Јавна соба (Public Room).
Со присуство на авторот, за неговото творештво на промоцијата ќе зборува професорката Елизабета Шелева, а модератор на настанот ќе биде новинарот Иван Беќковиќ.
Ѓорѓе Матиќ е еден од водечките регионални писатели, публицисти и преведувачи на нашето време, а за првпат ќе се претстави во Скопје. Роден е во Загреб во 1970 година, во 1991 година замина во Италија, а потоа во Холандија, а по речиси три децении живот во егзил, сега живее во Пореч.
Во богатиот литерарен опус на Ѓорѓе Матиќ, освен споменатиот роман „Од никаде со љубов“, се и стихозбирките „Друг звук“ и „Шифрирано, биографија – нови и избрани песни“, како и есеите за музика „Тајни врски“ и збирка есеи за српската култура „Историја и современици“.
Значаен податок во професионалната биографија на Матиќ е и „Лексиконот на ЈУ митологијата“, кој тој го уредувал и каде беше коавтор. Ѓорѓе Матиќ во овој период е член на редакцијата на загрепското списание „Просвјета“ и соработник на магазинот ОКО на Радио телевизија на Србија.