Европската комисија работи на подготовка на предлогот за следните чекори од преговарачкиот процес со Украина и Молдавија, согласно одлуката на декемврискиот Самит на ЕУ за старт на преговори за членство со двете земји, изјави денеска портпаролката на ЕК за проширување, соседска политика и меѓународни партнерства Ана Писонеро.
Во одговор на новинарско прашање зошто се уште не е започнат скрининг процесот со Украина, Писонеро нагласи дека согласно искуството со Северна Македонија и со Албанија, прво беа одржани меѓувладините конференции на кои беа усвоени преговарачките рамки, по што започна скринингот.
– Ние се подготвуваме согласно заклучоците на Европскиот совет. Европскиот совет повика да биде усвоена Преговарачката рамка кога Украина ќе ги спроведе преостанатите обврски и ние работиме согласно тие заклучоци, додаде Писонеро.
Одговарајќи на забелешка дека се добива впечаток оти Унијата намерно го забавува стартот на преговорите со Украина за да „не се доведе во ситуација да биде уценувана“ од унгарскиот премиер Виктор Орбан на вонредниот Самит на ЕУ на 1 февруари, Писонеро нагласи дека ова заседание на Европскиот совет ќе биде посветено на ревизијата на Повеќегодишната финансиска рамка на ЕУ, во чиј дел е и финансиската поддршка за Украина, и не е поврзано со преговарачкиот процес на земјата.