Пивоваров: МВР потфрли во Кавадарци, Тошковски треба да си поднесе оставка од морални причини

Министерството за внатрешни работи не реагираше, иако во изминатиот период се направени повеќе забави во таа дискотека. Ниту УЈП не реагираше иако се плаќаат карти, пијачки итн, вели професорот Владимир Пивоваров за ЦИВИЛ Медиа.

„Лицата кои раководат со институции, министри, директори, раководители… треба да имаат голем кредибилитет, интегритет. Не е доволно само да се даде оставка од морални причини, јас не велам дека министерот за внатрешни (Тошковски) е директно одговорен, меѓутоа институцијата потфрли, институцијата не презела ништо. Корумпираниот систем ни ги уби децата. Наместо меритократија ние имаме партократија. Доверително должничките услуги на одредени структури кои се на функции и сопственикот на локалот во Кочани овозможиле институциите да не реагираат правовремено. Таа партократија го уништи системот. Во медиумите се објавуваат информации дека во тој објект одеа и политичари и функционери, зарем не знаеле каде одат“, вели Пивоваров.

‘На крај имаме гробови, оставаме распарчани семејства, родители чија душа е изгорена’, со жалење констатира Пивоваров.

Тој додава дека во дискотеките царува сивата економија и се перат пари бидејќи никој не контролира колку пари се заработува. Како пример го наведе случајот со еден српски пејач во една дискотека каде што за неговиот настап земал 30.000 евра, и притоа никој не праша од каде се тие пари и на кој начин му се исплатени.

„Ако еден систем нема подсистем на контрола тогаш тоа создава хаос. Кај нас тоа е проблемот, ние немаме контрола на системот, одиме само кампањски“, вели тој.

Пивоваров нагласува дека истрагата треба да ја утврди вината и за тие што се виновни да биде покрената и кривична постапка, а не само со дисциплинска.

„Тие што земале плата за да вршат некој вид контрола на таков вид објекти низ целата држава, треба да се види зошто аморфната маса од институции не реагирала по ниеден основ, дали е тоа УЈП, ДПИ, ДЗС, началниците од МВР, ОВР кои треба да реагираат, а не само да клатат врата и да земаат плата. Гледаме до кај дојдовме со тоа „купи ден, продај ден“, дојдовме до една бездна од која нема враќање назад.

Пивоваров смета дека во ваква тешка ситуација мора да постои кризен штаб, кризно тело, за да не дојде до конфузија, но и дека треба сите заедно да работиме при што политиката да се остави на страна, односно да нема препукување кој што направил додека беше на власт.

Тој нагласи дека во изминатите 33 години само еден министер за транспрт и врски, Антони Пешев, си даде оставка од морални причини после падот на рускиот авион кај кичевските брда во која загинаа 99 патници. Тој е единствениот случај на морална одговорност во нашата држава.

Зачлени се на нашиот е-билтен