Во далечен дел од нашата галаксија, астрономите открија свет што се однесува како вселенско огледало. Егзопланетата LTT 9779b, која орбитира околу својата ѕвезда на толку мала оддалеченост што одамна требало да испари, успева да опстане – и притоа да одбива околу 80 проценти од светлината што ја добива. Тоа ја прави нај„огледалната“ планета досега забележана во универзумот.
Клучот е во нејзината атмосфера. Научниците од Европската вселенска агенција објаснуваат дека LTT 9779b е покриена со густи облаци составени од метални честички, во кои буквално „врне“ титаниум. Овие метални облаци создаваат ефект сличен на огледало: наместо светлината да се апсорбира и да ја загрева планетата, добар дел се рефлектира назад во вселената. Така површината на оваа егзопланета станува една од најсветлите досега регистрирани.
Иако светлината делумно се „одбива“, условите таму се пеколни. Температурата на LTT 9779b надминува 1.800 степени Целзиусови – доволно за да испарат злато, сребро или алуминиум. Според вообичаените физички модели, планета на таква орбита, толку блиску до својата ѕвезда, со тек на време би се распаднала или испарила. Фактот што LTT 9779b се уште постои, ја прави вистинска астрономска аномалија.
Токму затоа ова „огледало во вселената“ ги фасцинира научниците. Ако се потврди дека металните облаци навистина создаваат заштитен слој и ја забавуваат „смртта“ на планетата, LTT 9779b може да стане клучно парче во сложувалката за тоа како егзопланетите преживуваат во екстремни услови – особено оние што се вртат премногу блиску до своите ѕвезди.
Следниот чекор е уште подетално набљудување со вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“. Научниот тим планира да го анализира точниот состав на металните облаци, динамиката на титаниумскиот дожд и начинот на кој светлината се расфрла низ атмосферата. Од тоа ќе зависи дали LTT 9779b ќе остане само „занимливост“ во насловите или ќе стане модел за ново разбирање на екстремните светови надвор од нашиот Сончев систем.
Во меѓувреме, споредбите со научно-фантастични филмови, како „Interstellar“, се неизбежни. Но зад спектакуларната слика на планета што свети како огледало стои уште посилна научна приказна: колку малку знаеме за тоа како навистина изгледаат и опстојуваат световите што ни се чини дека само „точки светлина“ на небото.

