Планинарскиот клуб „Љуботен“ слави 100 години со документарен филм – сведоштво за љубов, храброст и заедништво

Првпат македонската јавност ќе може да види филм за планинарски клуб – сторија за век љубов кон Шара, храброст и заедништво

Сто години истрајност, љубов кон планината и заедништво – сега преточени во филм.

Планинарскиот клуб „Љуботен“ од Тетово, најстариот планинарски клуб во Македонија, годинава одбележува еден век постоење со документарен филм кој првпат во земјава го прикажува животот, предизвиците и подвизите на едно планинарско друштво.

Документарецот го следи развојот на клубот од неговото основање во 1925 година, преку изградбата на домовите на Шар Планина, до денешните генерации кои ја продолжуваат традицијата. Филмот е изграден врз лични сведоштва на активни членови, архивски снимки и современи кадри, и прикажува еден век на љубов кон планината, истрајност, пријателство и посветеност кон заедницата.

Планинарски дом Љуботен, 1931

„Ова е редок настан кој се случува во Македонија – значаен за планинарството, планинскиот туризам, градот Тетово и целата држава,“ вели Јован Божиновски, претседател на клубот. „Кога ќе се застане на врвот и ќе се почувствува тишината на планината, сфаќаш дека ова не е само клуб. Ова е семејство, ова е љубов што трае 100 години.“

Од идеја до симбол на планинарството

На 23 март 1925 година, група визионери од Тетово, предводени од шумарскиот инженер Орестије Крстиќ, го формираат тогашното Планинарско-туристичко друштво „Љуботен“. Првите децении биле скромни, но полни со ентузијазам – веќе во 1931 и 1934 година биле изградени првите планинарски домови во Македонија.

„Ако го земеме фактот дека само шест години по формирањето, на Љуботен и Попова Шапка никнуваат домови, ќе сфатиме дека тие луѓе имале визија и свест за тоа што значи планинарството – не само како спорт, туку како култура и заедништво,“ објаснува Божиновски.

Во педесеттите години клубот броел и по 950 членови. Од тогашните ентузијасти произлегле генерации што ги поставиле темелите на современото планинарство во земјата.

Хроника на вековна страст кон планината

Филмот ја раскажува историјата низ пет епохи – од првите патеки по Шар Планина, скијачките подвизи пред Втората светска војна, па сè до новото доба на дигитални мапи и апликации.

Снимањата се реализирани на повеќе локации – во Тетово, Попова Шапка, Љуботен, Лешница, Маврово и Тетовско Кале, со што публиката добива целосна и жива слика за тоа како клубот растел, се менувал и преживувал низ општествени и историски турбуленции.

„Нашите успеси не се само во искачените врвови, туку во луѓето кои ја носат љубовта кон планината во срцето,“ додава Божиновски. „Традиционалното искачување на Титов Врв, кое го организираме 43 години по ред, секогаш обединува стотици планинари од Балканот и Европа. Тоа е нашата гордост – симбол на пријателство и единство.“

Илинденски слет, 1964 година

Од Шара до Килиманџаро – дух што не познава граници

Во документарецот се појавуваат и ретки архивски фотографии и видеа од искачувања на членовите на клубот на врвови како Килиманџаро (1988), Алпи (2019 и 2025).

Клубот денес брои околу 150 активни членови, меѓу кои и осум професионални водичи со меѓународна IML-лиценца. „Секој кој има љубов кон природата може да биде планинар,“ вели Божиновски. „Но планинарството бара учење, дисциплина и почит кон планината. Тоа е активен одмор, но и духовен раст.“

Шара – планина што чува спомени

Документарниот филм  е омаж на Шар Планина – нејзините врвови, долини, извори и луѓе што ги поврзува. Тоа е приказна за љубов што трае 100 години, и што ќе продолжи и во следниот век.

„Иднината на клубот е во рацете на следните генерации,“ вели Божиновски. „Но ако нешто научивме во првиот век – тоа е дека љубовта кон планината не се гаси. Таа само расте.“

Попова Шапка, 1935 година

Дел од документарниот филм за 100 години постоење на Планинарскиот клуб „Љуботен“ премиерно ќе биде прикажан на Свечената Академија на 15 ноември.

Филмот е редок културен настан кој ја спојува историјата, спортот, природата и духот на заедништвото – вистинска инспирација за сите генерации.

Зачлени се на нашиот е-билтен