По смртта на 20-годишник во Охридското Езеро, Струга предлага плажи без педалинки

По трагичниот настан во кој беше пронајдено безживотното тело на 20-годишно момче во водите на Охридското Езеро кај „Машка плажа“ во Струга, градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, до Советот на Општината доставил иницијатива за усвојување одлуки насочени кон зголемување на безбедноста на плажите, меѓу кои и забрана за движење и паркирање на педалинките на плажите. 

Според градоначалникот, предложените мерки имаат цел да ја намалат узурпацијата на плажниот простор и да придонесат за поголема безбедност на посетителите. Тој посочил дека дел од педалинките се користат без соодветна регулација и без исполнување на сите обврски предвидени со прописите. 

Иницијативата доаѓа еден ден по случајот во кој во езерските води кај струшкото крајбрежје беше пронајдено телото на С.С. (20) од селото Октиси. Лекар констатирал смрт без видливи траги на насилство, а надлежните институции продолжуваат со активностите за утврдување на причините и околностите под кои настапила смртта. 

Предлог-мерките ќе бидат разгледувани од Советот на Општина Струга, кој треба да одлучи дали ќе бидат усвоени како дел од поширок пакет за унапредување на безбедноста на плажите во пресрет на летната туристичка сезона. 

Најчитано