Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ искажа цврста поддршка за европската интеграција на Северна Македонија, по телефонскиот разговор со премиерот Христијан Мицкоски.
„Со премиерот Христијан Мицкоски разговарав за понатамошната динамика на европскиот пат на Северна Македонија, за претстојниот Извештај на Европскиот парламент за напредокот и состојбата во Југоисточна Европа. Хрватска ќе продолжи силно да ја поддржува Северна Македонија, која заслужува членство во ЕУ“, напиша Пленковиќ во објава на социјалната мрежа Икс.
Оваа порака доаѓа во клучен момент, непосредно пред објавувањето на новиот извештај на Европскиот парламент кој ќе го оцени напредокот на државите од Западен Балкан. Поддршката од официјален Загреб, членка на Европската Унија од 2013 година, се гледа како важен поттик во процесот на приближување на Северна Македонија до европското семејство.