Комеморативната прошетка во Нови Сад, наменета да потсети на трагедијата со паднатата настрешница пред десет месеци, заврши со сцени кои повеќе личеа на антирежимски протест отколку на тивко сеќавање: турканици, шок-бомби и растурена поворка. Универзитетската заедница реагираше остро – Академскиот пленум на Универзитетот во Нови Сад соопшти дека е „шокиран и згрозен од бруталниот полициски напад“ врз студенти и граѓани.
„Физичкото насилство и шок-бомбите фрлени врз студентите и граѓаните, кои немале никаков физички контакт со полицијата, ја покажуваат подготвеноста на властите да ги искрвават своите и онака крвави раце до лакти доколку е потребно за да ја зачуваат власта“, стои во реакцијата на Пленумот, кој ја оцени интервенцијата како „последен шок на автократскиот режим“ на Александар Вучиќ и Српската напредна партија.
Покрај осудата, Пленумот повика сите присутни што доживеале насилство за време на мирните протести да ги евидентираат случаите во нивната база на податоци, со цел „ниеден инцидент да не се заборави“ и, по евентуална промена на власта, одговорните да бидат гонирани.
Академскиот пленум е неформално тело составено од вработени на Универзитетот во Нови Сад, високите училишта и научно-истражувачките институции во Војводина, формирано како одговор на, како што велат, „социјалната криза, колапсот на институциите и повикот на студентите во блокада“.