Претседателот на Бугарија во периодот 2012-2017 година, Росен Плевнелиев, ги повика институциите да дадат соодветен одговор на антибугарската кампања што ја води унгарскиот премиер Виктор Орбан, објави БГНЕС.
Според Плевнелиев, бугарските институции мора да заземат јасен став и да го осудат однесувањето на Србија и Унгарија, чии политики ја поткопуваат безбедноста не само на нашиот регион, туку и на целата Европска Унија.
„И најмногу би сакал највисоката институција во нашата земја, имено Народното собрание, да одржи дебата. Бидејќи толку многу бугарски политичари се колнеа во Виктор Орбан, кој беше голем пријател на Бугарија, и гледате дека тој лично и неговите институции, финансирани од Унгарија, вклучувајќи ги и медиумите во Република Северна Македонија, се во срцето на антибугарските дејствија и напади против Бугарија“, нагласи претседателот Плевнелиев, додавајќи дека овие напади веќе се пренесени во Европскиот парламент и Европската комисија во Брисел.
„На бугарскиот народ треба да му биде јасно кој е кој“, категоричен е поранешниот шеф на бугарската држава, додавајќи: „Во пракса, „пријателот“ на Бугарија Орбан е исто толку пријател на нашата земја колку што е пријател на Бугарија српскиот претседател Александар Вучиќ“.
Претседателот Плевнелиев потсети дека низ годините Будимпешта активно учествувала во изградбата на антибугарски мрежи, а го поддржувала и поранешниот премиер на Република Македонија Никола Груевски, на кого дури му доделила и азил. „Груевски е апсолутен бугаромразец, со кого имав повеќе од еден проблем за време на мојот мандат како шеф на државата. Тој беше финансиран од Унгарија, избега во Унгарија, па работите станаа јасни“, додаде Плевнелиев.