По 12 дена од почетокот на воената ескалација на Блискиот Исток, македонски државјани од Саудиска Арабија, Кувајт и Бахреин денес со специјален лет организиран од Владата треба да се вратат во земјава. Летот е организиран преку Ријад, кој е одреден како централна точка за собирање на патниците од овие три земји.
Според известувањето на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, за македонските државјани во Бахреин е организиран автобуски превоз од Манама кон Ријад, додека граѓаните од Кувајт ноќта меѓу вторник и среда требаше да тргнат со организиран превоз кон аеродромот во саудиската престолнина. За оние што веќе се наоѓаат во Саудиска Арабија, министерството посочи дека треба да бидат на аеродромот во Ријад во 17 часот по локално време, на Терминал 1, за да ги завршат процедурите пред поаѓањето.
Ова е дел од пошироката евакуација што државата ја спроведува за македонските граѓани од ризичните подрачја на Блискиот Исток. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски вчера изјави дека сите македонски државјани кои побарале помош треба да бидат евакуирани до средината на неделава, а првата група веќе пристигна во Скопје со организиран лет од Дубаи.
Според досега објавените информации, за организираниот превоз преку Ријад биле пријавени 36 лица од Кувајт, 15 од Бахреин и пет од Саудиска Арабија. Така, денешниот лет претставува продолжение на операцијата со која државата се обидува во неколку фази да ги врати дома сите граѓани што изразиле подготвеност за евакуација.