Шведска инвестира во нуклеарна енергија: По 50 години, ја гради првата нова електрана

Шведска планира да изгради од три до пет мали модуларни реактори во нуклеарната централа Рингхалс.

Проектот означува историско враќање кон нуклеарната енергија по половина век и е дел од пошироката стратегија на земјата за намалување на употребата на фосилни горива и транзиција кон одржливи извори на енергија.

Шведска објави амбициозен план за проширување на својот нуклеарен капацитет за прв пат по 50 години со изградба на од три до пет мали модуларни реактори (SMR) во постојната електрана Рингхалс на југозападот на земјата.

Се очекува новите реактори да додадат околу 1.500 мегавати енергија, што е еквивалентно на производството на две конвенционални нуклеарни единици.

Премиерот Улф Кристерсон на прес-конференцијата истакна дека ова е „првата нова нуклеарна централа во Шведска во последниот половина век“, нагласувајќи ја важноста на оваа инвестиција во енергетската транзиција.

Нуклеарни реактори
Да ве потсетиме дека во 1980 година, на советодавен референдум, Шведска одлучи постепено да се откаже од нуклеарната енергија, по што шест од вкупно дванаесет реактори беа затворени.

Сепак, со оглед на зголемениот фокус на намалување на емисиите на јаглерод диоксид и оддалечување од фосилните горива, нуклеарната енергија повторно добива поддршка кај политичарите, рамо до рамо со обновливите извори на енергија.

Државната енергетска компанија „Ватенфал“, која стои зад проектот, моментално разгледува понуди од два технолошки партнери за снабдување на реакторот: британскиот „Ролс-Ројс“ и американскиот „ЏЕ Вернова“.

Генералната директорка на компанијата, Ана Борг, истакна дека трошоците сè уште не се прецизирани, но дека завршувањето на изградбата се очекува околу 2035 година.

Денес, шесте преостанати шведски нуклеарни реактори обезбедуваат околу 30% од вкупната електрична енергија во земјата.

Малите модуларни реактори се сметаат за побрзо и поевтино решение во споредба со традиционалните нуклеарни централи, но технологијата е сè уште во раните фази на примена, со само неколку единици изградени низ целиот свет.

Зачлени се на нашиот е-билтен