Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави дека сериозно се разгледува заострување на казнената политика за нелегалната трговија и употребата на пиротехнички средства, по низата тешки повреди регистрирани за време на новогодишните празници. Тој оцени дека и покрај засилените превентивни активности, пиротехниката и натаму е видлива во урбаните средини и дека најголем фокус мора да биде пресекувањето на синџирот што ја носи до децата.
Од Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија информираа дека меѓу повредените има и случаи со ампутации. Директорката Јасмина Ѓоргиевска-Павловска посочи дека кај нив биле примени двајца мажи (58 и 50 години) со тешки повреди од петарди, при што на двајцата им биле ампутирани прсти, а повредите, според информациите од терен, ги вклучуваат и деца.
На заедничка прес-конференција со министерот за здравство Азир Алиу, Тошковски ги презентираше резултатите од кампањата „Кажи НЕ на пиротехника“ и соопшти дека во 2025 година биле запленети над 252.000 парчиња пиротехника и биле поднесени 37 кривични пријави против 37 лица. Како дополнителен аларм, тој потврди дека во една од последните акции за заплена бил вмешан и полициски службеник, а претходно МВР информираше и за заплена од околу 35 тони пиротехника во акција кај наплатната станица Градско.